Афера „тракторче“ и во Аеродром: Општината купила механизација по двојно повисоки цени од пазарните

Нова набавка со спорни цени во локалната самоуправа го тресе Скопје – овојпат фокусот е врз Општина Аеродром, која потрошила речиси 3 милиони денари (околу 49.000 евра) за механизација за одржување на јавни зелени површини, со суми кои значително ја надминуваат реалната пазарна вредност на опремата.

Според достапните податоци, набавени се:

  • две машини по 473.000 денари за одржување зелени површини,
  • две тракторски косилки со предно косење и мулчер по 499.000 денари,
  • пет моторни косилки за трева по 42.690 денари,
  • пет тримери за косење по 36.400 денари,
  • и пет грбни дувалки за лисја по 40.330 денари.

Проблемот е што сета оваа опрема е платена значително повеќе од нејзината реална пазарна цена. На интернет, слична механизација може да се најде за многу пониски цени – тракторските косилки, на пример, се достапни и за двојно пониска цена од таа што ја платила општината. Истото важи и за тримерите, дувалките и другата опрема.

Дополнителен сомнеж буди фактот што на јавната набавка учествувал само еден понудувач – компанијата која го доби тендерот. Ова отвора прашања за транспарентноста на постапката и можните договорени услови во позадина.

Тука станува збор за класичен пример на расипничко трошење на јавни средства и Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија итно мораат да ја испитаат оваа сомнителна набавка.

Случајот отвора сериозни прашања за начинот на кој се спроведуваат тендерите на локално ниво и дали јавниот интерес е навистина заштитен. Од Општина Аеродром засега нема официјална изјава по ова прашање.

Извор: Инфомакс

Може да ве интересира