Левица: Царовска со кредит од 21,5 милиони евра ќе плаќа „обучувачи“ кои одработиле за партијата

Владата планира преку донесување закон во Собранието, и тоа по скратена постапка, да се задолжи кај Меѓународната банка за развој дури 21,5 милиони евра, за спроведување реформи во основното образование.

Секторот Образование на политичката партија Левица, денес излезе со писмена реакција до јавност во однос на ова задолжување на народот, кое го спрема Владата предводена од СДСМ.

„Станува збор за Закон од само шест члена, со кој државата ќе се задолжи со 21,5 милиони евра и ќе плати првична провизија од 21,500 евра и 11 годишни провизии од 0.25% провизија од неповлечениот износ на кредитот. Ако претпоставиме дека годишно не може да се трошат повеќе од 3 милиони евра (заради абсорбциониот капацитет на имплементаторот), вкупниот износ на провизии за сите 11 години, би бил околу 200,000 евра“, реагираат од Левица.

Според овие бројки, велат тие, со вакво задолжување, дополнително ќе паднеме во калта на должничкото ропство, бидејќи ионака моменталниот јавен долг изнесува 59% од вкупниот БДП. 

Од Левица нагласуваат дека, според сите шест члена од Предлог законот, сумата од предвидениот кредит и’ се остава на располагање единствено на министерката, Мила Царовска.

„Во шесте паушални члена на предлогот на законот единствено оваа сума ѝ се става на располагање на министерката, Мила Царовска. Во образложението на предлогот се исчитува дека половина од овие пари, ќе ги голтне темната јама на наводните и контроверзни реформи, и тоа како поинаку, ако не низ обуки и евалуации на обуките!?“ Низ призмата на ова задолжување станува сосема јасно од каде толкавото брзање да се изнесе каква било концепција за реформи – очигледно дека се собрале доста „обучувачи“ кои одработиле и треба да бидат исплатени. Па макар и со кредит. Макар преку грбот на образованието кое парализирано, со прекршен ‘рбет се прпелка во немањето никаква друга визија и мисија освен што повеќе и побескрупулозно да се заграби на сметка на – и без тоа осиромашениот народ“, се потренцира во реакцијата.