АктуелноЛокално

Руските дипломати кои беа протерани, се мешале во стратегиските интереси на Македонија

На 12 септември беа протерани од земјава тројцата руски дипломати кои наводно работеле спротивно на дипломатските правила на државата и се обиделе да се вмешаат малку повеќе во стратегиските и националните интереси на Северна Македонија.

Ова го изјави на денешната прес-конференција министерката за одбрана Славјанка Петровска при посетата на својот словенечки колега Марјан Шарец. Таа додаде дека Армијата и Министерството за одбрана се безбедни и имаат развиено систем на заштита од вакви или слични злонамерни влијанија кои се сметаат за спротивни на стратегиските и националните интереси на земјава.

Говорејќи во оваа насока, министерката нагласи дека стратегиската цел на  Македонија е членството во НАТО и Европската Унија (ЕУ), и секој што ќе се обиде да го попречи тој пат може да се смета за непријател на земјата, особено, ако тоа сака да го направи преку мешање во работата на институциите.

Минатата недела од Руската амбасада во земјава информираа дека тројца нејзини дипломати се прогласени за персона нон грата, односно за непожелни во земјава од страна на македонските власти. Протерувањето на тројцата дипломати, Русија го оцени како неодговорен и непријателски чин и најави дека нема да остане без одговор.  Покрај тројцата дипломати, забрана за влез во земјава доби и шефот на руското црковно предворје во Софија, архимандритот Васијан Змеев.