Еднаш фашисти – секогаш фашисти
Пишува: Марио Јанески – Претседател на Црвена Младина
Денес е голем ден! Денот кога сите народи и држави во светот имаа барем едно нешто заедничко и едно нешто за кое можеа да се обединат – дефинирање на фашизмот како најголемо ЗЛО на човештовто. Патемно, и најважната светска организација – Обединетите нации – беше формирана врз принципите на антифашимот, што е и јасно истакнато во нејзината основачка Декларација.
Ако Обединетите нации се темелат на антифашизмот, тогаш се чини дека не може да има било каков сомнеж за платформата и вредностите на кои се градеше и треба да се гради светот во иднина. Тука некаде и нашава македонска приказна во спорот со Бугарија, барем начелно, требаше да биде на јасно. Но дали е тоа така?
На Бугарија, како поразена страна во Втората светска војна, од победничките земји ѝ се понудил Парискиот мировен договор (10 октомври 1947) со кој требало да прифати дека била сојузник на Тројниот пакт (фашистичката коалиција на Германија, Италија и Јапонија), а патемно во член XXI да признае и дека била окупатор на териотријата на Југославија (што значи во Македонија), за што требало да плати и соодветна сума на репарации, та потпишувањето на овој договор бил и на некој начин услов за влез на Бугарија во Обединетите нации. Погодете што?
Бугарија го потпишува договорот без никакви пречки, господинот бугарски премиер Кимон Георгиев, заедно со уште двајца претставници од владата, Трајчо Костов и Александар Обов, ставаат потпис на тој договор. Па следствено, во 1955 г. Бугарија станала полноправна членка на Обединетите нации. Каква сарказам нели? Да бидете потписник на еден ваков договор во присутво на тогашните најмоќн држави (САД, Велика Британија, СССР, Индија…), а притоа на јавна сцена, денес, да негирате дека сте биле окупатор и да негирате дека во минатото сте биле фашистичка држава!
Наместо спротивно на тоа, да очекуваме и да видиме некој бугарски премиер во знак на извинување како се поклонува пред споменикот на жртвите од Ваташа, слично на она што го направи германскиот канцелар Вили Брант пред споменикот на жртвите од нацизмот во Полска. Но веројатно според моменталните случувања, ние ќе треба да им се извиниме што сме кренале Антифашистико востание во Македонија или да им се извиниме за измислените илјадниците жртви со бугарска самосвест во македонските „концентрациони логори“. – Каква иронија!
Таман сте помислиле дека тука е крајот, се лажете, одат чекор понатаму. Не само што не расчистиле со своето фашистичко минато, туку дополнително, пред скоро време отвораат клуб во Република Македонија (Битола) со името „Ванчо Михајлов“. И се запрашуваат што било лошо во тоа име и зошто во Македонија имало реакции за тоа, уште и тврдат дека имало непотребен „говор на омраза“. Видете вака, без разлика на сегашните историски „гимнастики“ што се обидувате да ги направите и да ни кажете дека со ништо не нѐ провоцирате, ние во преамбулата на Уставот на Република Македонија, односно во делот каде се истакнуваат државно-правните традициите, иако со не толку добра намера, на 11 јануари 2019 г., го додадовме XXXIV амандман каде пишува дека синтагмата „одлуките на АСНОМ“ ја заменуваме со „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото Заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“.
Ако го прочитате Прогласот ќе видите дека таму нашите антифашистички државотворци јасно истакнале дека го третираат Ванчо Михајлов како соработник на фашистите и еден од најголемите крвници на македонскиот народ. Се надевам дека асномците не биле под некаков „опиум“ па да не знаеле што се случува пред нивни очи, да не знаеле кој бил Вачно Михајлов и на чија страна се наоѓал. Што значи ова? Ова значи дека во највисокиот правен акт на Република Македонија – Уставот – Ванчно Михајлов е дефиниран како македонски антидржавен и фашистички елемент, а вие иако го знаете тоа, сѐ уште се запрашувате со што сте предизвикале реакција на македонскиот народ. – Какво лудило!
Се чини дека нашиот источен сосед организирано и тенденциозно сака да ги елеминира антифашистичките темели на македонската држава, директно да пропагира фашизам на македонско тло и да нема храброст да се соочи со своето минато и сето тоа немо проследено од нејзино. „височество” – Европа.
Дали пред наши очи се случува релативизирање на антифашизмот и на мала врата враќање на фашистички појави? Се запрашувам дали воопшто во светов постојат принципи и вредности или тоа се само измислени еуфемизми ставени во обланда за да ги затскријат нивните империјалистичките интереси?
Нека овој ден помогне барем малку да се освестиме што правиме и што дозволуваме да се прави врз нас!
СМРТ НА ФАШИЗМОТ – СЛОБОДА НА НАРОДОТ !