Скандалозно сведоштво за експлоатација на работничка во „Гересхајмер“ – изгубена бременост, притисоци и неисплатени плати

Премиерот Христијан Мицкоски од Германија најави нова инвестиција на компанијата „Гересхајмер“ во Македонија, проширување на производствените капацитети и отворање нови работни места. Но, додека Владата ги промовира новите инвестиции како економски успех, до Левица пристигна сериозно сведоштво од поранешна работничка во истата компанија, која тврди дека била изложена на физички напорна работа за време на бременоста, по што доживеала спонтан абортус, а подоцна била и притискана да се врати на работа додека била на боледување.

Раководителката на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) при Левица, Евгенија Станкоска, на денешната прес-конференција го обелодени сведоштвото за сериозно кршење на работничките права во „Гересхајмер“ во Скопје.

Работничката сведочи дека во 2023 година, додека била бремена, била привремено распоредена во нов производствен погон, каде што работата подразбирала ракување со производи тешки околу 10 килограми. И покрај тоа што побарала да биде прераспределена на работно место каде што нема да мора да крева толкав товар, продолжила да работи во физички напорни услови. Работела трета смена, по 12 часа, по што доживеала спонтан абортус.

Додека закрепнувала, менаџерот телефонски ја притискал да се врати на работа, заканувајќи се дека лично ќе дојде да ја земе доколку не се појави. И покрај доставената медицинска документација, според нејзиното сведоштво, не добила никаква отштета.

По напуштањето на работното место, не ѝ биле исплатени 19 работни дена, ниту преостанатиот годишен одмор. Случајот го пријавила во Државниот инспекторат за труд, кој при вонреден инспекциски надзор утврдил неправилности во евиденцијата на работното време и наложил корекција на пресметката на платата. Инспекторатот констатирал и дека не ѝ била издадена потврда за искористен годишен одмор, спротивно на Законот за работните односи.

Станкоска посочи дека овој случај не смее да се сведе на индивидуален работен спор, туку мора да се гледа во контекст на системската експлоатација на работничката класа. Особено сурово се манифестира оваа логика врз жените работнички, чии здравје, бременост и репродуктивни права се третираат како пречка за производствениот процес. Додека странскиот капитал добива државни субвенции, поволности и институционална поддршка, работничките се оставени сами да се борат за своите основни права.

Левица и АФЖ бараат итни и засилени инспекциски контроли во „Гересхајмер“, целосно испитување на случајот, утврдување на одговорноста и исплата на сите неисплатени побарувања кон работничката. Владата не смее да продолжи да го промовира и привилегира странскиот капитал, да најавува нови инвестиции и да доделува државна поддршка, додека работничките во истите тие погони се соочуваат со прекршување на своите права. Пред нови субвенции, нови привилегии и нови производствени капацитети, мора да има одговорност за досегашното постапување кон работниците.

Станкоска ги повика и сите работнички кои се соочиле со слични прекршувања во „Гересхајмер“ или во други производствени погони да ги споделат своите искуства со АФЖ и Левица.