Македонија има умерено ниво на подготвеност во областа на владеењето на правото и основните права, но напредокот останува ограничен, се вели во најновиот извештај за Македонија, објавен од Европската комисија (ЕК).
ЕК нотира дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата, која и понатаму е широко распространета. Посебно се посочуваат одолжувањата во постапките за корупција на високо ниво, при што дел од предметите застаруваат без правосилна судска разрешница.
Таквата состојба, според оценките на Комисијата, дополнително ја зајакнува перцепцијата на неказнивост и ја поткопува довербата на граѓаните во институциите.
Брисел бара поефикасна борба против корупцијата, зајакнување на независноста на правосудството и резултати во процесирањето на случаите на висока корупција.
Македонија покажува напредок во усогласувањето со европското законодавство и во спроведувањето на реформите од Планот за раст, но уставните измени и понатаму се главната пречка за отворање на првиот преговарачки кластер со Европската Унија.
Европската комисија констатира дека Македонија продолжила да работи на исполнување на условите за отворање на кластерот 1, „Основи на процесот на пристапување“, но дека не е постигнат напредок во усвојувањето на потребните уставни измени.
Со нив е предвидено вклучување на дополнителни заедници во Уставот, меѓу кои и бугарската.
Според Брисел, нивното усвојување останува неопходен чекор за деблокирање на пристапните преговори.
Следи го Антропол преку Google 
