Тодоровски: Кина нуди алтернатива на западната доминација, a Македонија има неискористен потенцијал

Кина сè поактивно ја проширува својата глобална улога, промовирајќи мултиполарен светски поредок и економска соработка со земјите во развој. Какво е значењето на кинеската стратегија за Балканот, какви можности отвора за Македонија и дали Пекинг може да стане нов центар на глобална стабилност? На овие прашања во интервју за Антропол одговара Дарко Тодоровски, истражувач и докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација.

Во разговорот, Тодоровски ги анализира геополитичките цели на Кина, улогата на иницијативата „Појас и пат“ во поврзувањето на Балканот со европските пазари, како и можностите за развој на македонската инфраструктура, индустрија и трговска размена со Кина. Посебен акцент става на кинеското економско присуство во Африка и на перспективите за меѓународните односи во услови на засилено ривалство меѓу големите сили.


Кина сè поактивно се позиционира како глобална сила и предизвикувач на досегашната доминација на Западот. Кои се главните геополитички цели на Пекинг и дали кинеската стратегија е насочена кон создавање мултиполарен светски поредок или кон воспоставување нова форма на глобално влијание?

Тодоровски: Во духот на кинеската филозофија НР Кина го предлага концептот “Заедница со заедничка иднина за човештвото” кој има за цел да се создаде свет на траен мир, универзална безбедност, споделен просперитет, отвореност и инклузивност, чистота и убавина. Концептот за прв пат беше официјално претставен од кинескиот претседател Си Џинпинг во март 2013 година за време на говорот на Московскиот државен институт за меѓународни односи.

Самиот концепт се реализира преку создавање на систем за глобално управување базиран на заедничка консултација, развој и користење, универзално почитувајќи ги заедничките вредности на целото човештво, каде што примарниот столб е промовирање на формирање на нов вид односи. Иницијативите за глобален развој, глобална безбедност и глобална цивилизација служат како стратешко водство. А практичната платформа за спроведување на концептот е висококвалитетната заедничка изградба на иницијативата „Појас и пат“.

Концептот за „Заедница со заедничка иднина за човештвото“, ја поседува потребна флексибилност за да одговари на сите земји и длабочина за да им користат и на нив и на глобалната заедница, истиот може да послужи како теоретска основа и практичен водич за градење поправеден светски поредок на рушевините на стариот светски поредок. Пекинг предлага стратегија на индивидуализирани пристапи кон секоја држава.

НР Кина се залага за праведен, уреден, мултиполарен свет и инклузивна економска глобализација, за еднаквост на сите земји, големи и мали, против хегемонијата и силата и за спроведување на вистински мултилатерализам.


Преку иницијативата „Појас и пат“, Кина инвестира во инфраструктурата, транспортот и енергетиката во различни делови од светот. Какво место зазема Балканот во оваа стратегија и дали регионот е пред сè економски коридор за кинеските интереси или има и пошироко геополитичко значење?

Тодоровски: Западниот Балкан е дел од она што е познато како „централен коридор“ на Иницијативата „Појас и пат“, чија цел е да ги поврзе пристаништата во источна Кина – вклучително и Шангај – со Централна Азија, Иран и Турција. Оттаму, трасата минува низ балканските земји за да стигне до Централна и Западна Европа – што претставува современ пандан на историскиот “Пат на свилата” и го дополнува поморскиот коридор што води преку Суецкиот Канал и пристаништето Пиреја во Грција, кое е под кинеска контрола. Централна позиција во рамките на двата коридора кои минуваат низ Балканот завземаат Србија и Грција. Но коридорот од Пиреја кон Србија и Централна Европа минува низ Македонија, и НР Кина е заинтересирана во модернизација на железничката инфраструктура во Македонија. Со предходната влада НР Кина водеше преговори за модернизација на македонската железничка инфраструктура, но тогашната власт ги прекина преговорите со НР Кина. Од аите држав7 во регионот, Македонија има најлоша железничка инфраструктура.


Какви можности носи кинеското економско присуство за Македонија? Дали земјата може да ги искористи кинеските инвестиции за развој на инфраструктурата и индустријата?

Тодоровски: Кинескиот интерес во Македонија главно е насочен кон транспортната инфраструктура, енергетиката и зелената экономика. Се повеќе бизнисмени од Македонија ја посетуваат НР Кина и воспоставуваат деловна соработка со компании од НР Кина. Кинеската амбасада и нејзината екселенција, амбасадорката Џијанг Сјаојен вложуваат големи напори за развојот на кинеско-македонските односи и бизнис соработка. Тоа е за поздравување, бидејќи во последните две години односите се развиваат динамично.

Во поглед на трговската размена, статистичките податоци покажуваат дека во 2025 година Кина прв пат се најде на третото место на листата земји-најголеми трговски партнери на Македонија, и Кина е најголем трговски партнер надвор од Европа.

Вкупниот обем на трговска размена со Кина лани изнесувал 1,3 милијарди евра, што е зголемување од 16,7 проценти во однос на 2024 година. Од вкупната трговска размена, 54,4 милиони евра се македонски извоз во Кина, а 1,26 милијарди евра се кинески увоз во Македонија. Но и сите држави во соседството, како и во Европа имаат трговски дефицит во трговската размена со НР Кина. Македонија мора систематски да работи на зголемување на македонскиот извоз не само во НР Кина, туку и во Југоисточна Азија, каде што се наоѓа огромен млад пазар кој е во постојан подем. На тој пат Македонија може да учи од Србија, која што во последните 10 години го зголеми својот извоз во НР Кина за повеќе од 127 пати. Српскиот извоз во Кина порасна за речиси 85% во првите четири месеци од 2026 година во споредба со истиот период од претходната година, додека за целата 2025 година е забележан пораст од 20% во споредба со 2024 година.


Кина е еден од најзначајните трговски партнери и инвеститори во Африка, каде што финансира инфраструктурни проекти, железници, патишта, енергетски капацитети и рударство. Какви можности за економски развој и поголема автономија на африканските држави нуди ова релативно ново партнерство со Кина?

Тодоровски: НР Кина денес е најголемиот трговски партнер на Африка, но и најголем инвеститор во Африка. Соработката меѓу Кина и Африка се интензивираше во 2013 година со започнувањето на кинеската иницијатива „Појас и пат“.

Кина активно ги финансира изградбата на патишта, пристаништа, електрани и железници низ Африка, придонесувајќи за развојот на континентот.

Во 2019 година стапи на сила Африканската континентална зона за слободна трговија (AfCFTA). До 2026 година, 54 од 55-те земји-членки на Африканската унија го потпишаа договорот, а 49 го ратификуваа. Оваа трговска зона им помага на кинеските компании да ги зголемат своите инвестиции во Африка.

За време на Осмата министерска конференција на Форумот за соработка меѓу Кина и Африка (FOCAC) во ноември 2021 година беше усвоена „Визијата за соработка меѓу Кина и Африка 2035“, која што е долгорочен стратешки план.

Таа ги поврзува внатрешните долгорочни цели на Кина за 2035 година со Агендата на Обединетите нации за одржлив развој до 2030 година и со Агендата 2063 на Африканската унија.

Трговијата меѓу Кина и Африка претставува еден од најдинамичните сегменти на глобалната економија. Во текот на изминатите две децении, обемот на трговијата е зголемен десетици пати: од приближно 10 милијарди долари во 2000 година на повеќе од 348 милијарди долари до 2025 година.

На 1-ви мај 2026 година стапи во сила безцаринскиот режим на НР Кина за 53 африкански земји. Тоа ќе помогне за зголемување на африканскиот извоз во НР Кина.


Со оглед на растечкото ривалство меѓу Кина и САД, како и сè повнимателниот однос на Европската Унија кон Пекинг, како би можела да се развива кинеската стратегија во наредните години? Дали очекувате Кина да го засили своето присуство во таканаречениот свет во развој преку инвестиции, трговија и дипломатски односи, и какви последици би имало тоа за помалите држави што се наоѓаат помеѓу интересите на големите сили?

Тодоровски: НР Кина ги гледа моменталните глобални случувања како можност да се претстави пред целата меѓународна заедница како центар на стабилност, просперитет, предвидливост и сигурност. Западот, пред се САД и ЕУ сами се отстранија од тоа, а НР Кина му подава рака на светот и му ги нуди овие придобивки преку глобалниот концепт „Заедници со заедничка иднина за човештвото“.

НР Кина нема намера да дејствува како што дејствуваат САД. Ова не е само прашање на недостаток на материјална подготвеност. Таквото однесување би било спротивно на фундаменталните принципи што НР Кина ги проектира на надворешниот свет. Тоа е во спротивност и со кинеските традиции и со духот на конфучијанството, и со кинеската геополитичка школа. За Пекинг, ова е фундаментално важно. Фундаменталната теза на модерната кинеска идеологија е дека НР Кина пронашла нов пат на развој и модернизација, различен од Западот. Овој развој избегнува масовна стратификација помеѓу богатите и сиромашните, не ја уништува животната средина и повеќе или помалку обезбедува просперитет за сите членови на општеството. Во следењето на овој пат, НР Кина под никакви околности не смее да прибегнува кон надворешна агресија и колонијална експанзија, ниту да се стреми кон модернизација со ограбување на ресурсите на другите земји.