Кинеското Министерство за надворешни работи обелодени дека е во контакт со САД и Русија во врска со можноста за одржување средба на претседателите на трите земји на самитот на АПЕК (Азијско-пацифичка економска соработка).
„Кина одржува комуникација со релевантните страни во врска со потенцијалната средба на лидерите на Кина, Русија и САД“, изјави денеска портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на редовниот брифинг во Пекинг, одговарајќи на прашањето дали постојат планови за средба на тројцата лидери во Шенжен, пренесува „Блумберг“.
Како што рече таа, доколку дојде до средба, тоа би бил собир без преседан меѓу трите нуклеарни сили.
Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, веќе јавно изразија интерес за средба со кинескиот претседател Си Џинпинг на самитот на АПЕК, кој се одржува овој месец, пренесува Танјуг.
Денешната изјава на портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, дадена две недели пред почетокот на конференцијата, укажува дека Пекинг е отворен за ваква средба, оценува „Блумберг“. Медиумот додава дека таквиот состанок би претставувал пресвртница во напорите на Русија да излезе од меѓународната изолација во која се најде по инвазијата врз Украина, а на Си Џинпинг потенцијално би му овозможил да преземе улога на посредник во приближувањето на Путин и Трамп.
Како што се наведува, трилатералниот самит на Кина, Русија и САД нема современ преседан.
Како најблиска историска паралела може да се посочи конференцијата во Јалта од 1945 година, кога советскиот лидер Јосиф Сталин, американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт и британскиот премиер Винстон Черчил се сретнале за да разговараат за реорганизацијата на Европа, во периодот кога нацистичка Германија се приближувала кон поразот на крајот од Втората светска војна.
Следи го Антропол преку Google 
