Од 147 километри автопатишта до речиси 200.000 – што покажува кинескиот развој

Кон крајот на 1980-тите Кина имаше само 147 километри автопатишта. Во 2025 година мрежата достигна речиси 200.000 километри и е најголема во светот

Во 1970-тите очекуваниот животен век изнесуваше околу 61 година, а денес е околу 78, односно седумнаесет години повеќе живот за просечниот човек. БДП по жител, кој кон крајот на 1970-тите беше околу 180 долари, во 2025 година изнесува околу 13.900 долари. Во 1975 година целата кинеска економија вредела 164 милијарди долари. Само во 2024 година земјата инвестираше 45 пати повеќе од вредноста на таа некогашна економија.

Овие бројки најчесто се резултат на државно планирање кое долгорочните вложувања во инфраструктура, образование и здравство ги става пред брзиот профит. Патиштата, пругите, енергетската мрежа и пристаништата се градеа затоа што државата ги сметаше за основа на развојот. Клучните сектори, како банките и енергетиката, останаа под силна државна контрола, па ресурсите можеа да се насочат кон општествени цели.

Резултатот е мерлив и по квалитетот на животот кај луѓето. Според Светската банка, речиси 800 милиони луѓе се извлечени од екстремна сиромаштија, што е најголемото намалување на сиромаштијата во историјата.

Ова е спротивно на моделот што нашироко се препорачува на земји како нашата, каде јавните добра се препуштаат на пазарот, а државата се повлекува.

За разлика, кај нас јавните инфраструктурни проекти често завршуваат со доцнења и поскапувања, а граѓаните плаќаат двојно: еднаш преку даноците, а втор пат преку лошите услуги.