Кинеските власти оваа недела потврдија амбициозен план според кој суперсилата ќе испрати луѓе на Месечината во следните три години, пишува „Арс техника“.
На Седмата конференција за вселенски летови со човечки екипаж во Пекинг, главниот дизајнер на кинеската лунарна програма, Ванг Сјанг, ја претстави досега најдеталната јавно објавена стратегија за серијата мисии што треба да доведат до слетување на астронаути на површината на Месечината пред 2030 година.
Новите информации овозможуваат јасен временски преглед на техничкиот напредок на Кина во обидот да ја победи НАСА и Соединетите Американски Држави во новата трка за враќање на човечки екипаж на Месечината, со што Пекинг би остварил голема геополитичка победа.
За разлика од некогашната американска програма „Аполо“, Кина засега нема ракета со моќноста на легендарната „Сатурн 5“, поради што ќе примени стратегија на одделни лансирања и спојување на леталата во орбитата околу Месечината.
Амбициозниот распоред започнува на почетокот на 2027 година со беспилотно тестирање на леталото „Менгџоу“ со ракетата „Долг марш 10А“ во ниската Земјина орбита.
Веќе во 2028 година е планирано тестирање на поголемата ракета „Долг марш 10“ и лунарниот лендер „Ланјуе“, кое ќе вклучува спуштање и повторно полетување од површината на Месечината. Во 2029 година ќе следува симултано лансирање на две ракети и нивно спојување во лунарната орбита.
Сето ова го отвора патот за финалната мисија пред 2030 година, кога две ракети ќе се упатат кон Месечината – едната со екипаж во леталото „Менгџоу“, а другата со лунарното возило. Иако планот засега ги прескокнува мисиите со прелетување и кружење околу Месечината без слетување, леталото „Менгџоу“ ќе се подготвува поблиску до Земјата, превезувајќи астронаути до кинеската вселенска станица „Тјангонг“.
Од друга страна, НАСА планира враќање на луѓето на Месечината до 2028 година, приближно една година пред кинескиот рок.
Иако Соединетите Американски Држави веќе 15 години ја развиваат ракетата „СЛС“, а уште подолго и леталото „Орион“, нивната лунарна програма се соочува со сериозни прашања во врска со развојот на самиот лендер, за кој компаниите „Спејс Икс“ и „Блу ориџин“ имаат договори вредни повеќе милијарди долари.
Поради овие предизвици, американското слетување би можело да биде одложено за 2030 година или дури и подоцна.
Вашингтон сериозно ја сфаќа оваа закана, па Конгресот и Белата куќа во текот на изминатата година му дадоа широки овластувања на администраторот на НАСА, Џаред Ајзакман, за поедноставување на програмата „Артемис“.
Ајзакман брзо реагираше со откажување на вселенската станица „Лунар гејтвеј“ и планираните унапредувања на ракетата „СЛС“. Минатата недела тој го најави и планот за помош на компанијата „Блу ориџин“, преку изнаоѓање начин леталото „Орион“ да биде префрлено во ниска орбита околу Месечината. Притоа порача дека НАСА има мандат, ресурси и поддршка за остварување на таа цел.
Иако за надворешните набљудувачи е речиси невозможно да имаат увид во техничките достигнувања на кинеската вселенска програма, Пекинг прави конкретни чекори кон остварување на својата цел.
Уште во август 2025 година, Кинеската агенција за вселенски летови со човечки екипаж успешно тестираше верна макета на лендерот „Ланјуе“, тежок 26 тони, во близина на Пекинг. При тестирањето беше симулирана месечевата гравитација со помош на огромни сајли, додека леталото „Менгџоу“, наменето за претстојниот тест во 2027 година, веќе пристигна во вселенскиот центар Венчанг на островот Хаинан.
На долг рок, оваа вселенска трка ги надминува рамките на престижот од првото слетување. И НАСА и кинеската вселенска програма забрзано ги развиваат капацитетите за воспоставување трајно присуство на Јужниот Пол на Месечината. Во таа насока, Ајзакман веќе ја обврза НАСА на развој на база на површината на природниот Земјин сателит во текот на следната деценија.
Следи го Антропол преку Google 
