Полициски претреси се спроведуваат на повеќе локации во Штип и Скопје во рамки на истрага за сомнежи за злоупотреба на електронската студентска евиденција на Универзитетот „Гоце Делчев“. Според првичните неофицијални информации, истрагата е насочена кон вработен на раководна позиција во ИТ-секторот на Универзитетот, кој се сомничи дека подолг период вршел незаконски интервенции во електронскиот систем за паричен надомест.
Според неофицијалните информации, постојат сомнежи дека осомниченото лице овозможувало внесување бодови од испити, запишување семестри без исполнети услови, како и бришење на веќе евидентирани оценки. Наводните злоупотреби, како што се посочува, главно се однесувале на студентски досиеја на студенти од Турција.
При претресот во домот на лицето, според истите информации, била пронајдена поголема сума пари, за која засега нема официјални податоци за точниот износ или нејзиното потекло.
Во полициската акција учествуваат службеници од СВР Штип, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, СВР Скопје и службите надлежни за компјутерски криминал.
Полициските активности се во тек, а засега нема официјална потврда за бројот на засегнати студентски досиеја, висината на пронајдените средства или евентуалните приведувања и апсења.
Повеќе детали за случајот се очекуваат по завршувањето на полициските активности и евентуалното официјално соопштение од надлежните институции.
Следи го Антропол преку Google 
