Долгот на македонските домаќинства по основа на станбени кредити достигна две милијарди евра, што претставува зголемување од 16,6 проценти за една година и 35 проценти во последните две години, предупредува пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ.
Тој посочува дека станбените кредити учествуваат со 40 проценти во вкупната задолженост на домаќинствата, оценувајќи дека ваквиот тренд дополнително го ограничува финансискиот капацитет на семејствата за преземање други кредитни обврски и започнување сопствени бизниси. Мециновиќ потсетува и на предлозите на Левица за олеснување на условите за купување прв стан, меѓу кои намалување на потребното учество од 15 на 5 проценти, државна гаранција и отплата на дел од главнината, и прашува какви мерки ќе преземе државата за да им го олесни пристапот до домување на граѓаните.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
Две милијарди евра е долгот на домаќинствата по основа на станбени кредити. Зголемување од 16.6% во една година или 35% во две години.
Од сите долгови кои ги имаат домаќинствата, 40% се за станбени кредити, бројка која е во очигледна нагорна линија.
Тоа значи, дека семејствата не можат да преземат други кредитни обврски за да отворат мали фирми пример, како се продава во Македонија “американскиот сон”, да заработуваат сами и да си плаќаат.
Семејствата плаќаат, и тоа по 30 години. Не е дека не плаќаат. Прашање е што ќе направи државата по ова прашање. Сега има затворен систем на високи профити за инвеститорите, висока добивка за банките и тешки услови за граѓаните.
Прво предложивме да се намали учеството за прв стан од 15% на 5% и власта го одби. Па државна гаранција наместо хипотекарни кредити. Сега отплата на дел од главнина.
Додека ништо не се презема, состојбата станува се потешка за луѓето “сами да си плаќаат”.
Патем, се работи за дом. За домување зборуваме.
Следи го Антропол преку Google 
