Цената од медиумската екскомуникација на Левица – тотална деградација на јавната дебата

Тоа што некој е поканет да гостува на национална телевизија, во емисија за анализа и коментирање на тековните социо-политички настани, и тоа во ударен термин, па меѓу другите глупости што со години наназад ги пласира во јавноста, сега заговара и надзор на мажот врз жената, не е само прашање на личните ставови на гостинот. Тоа би рекол е повеќе прашање на уредничката политика, кадровските критериуми и одговорноста на оние што раководат со националните телевизии.

Всушност, токму тука се открива парадоксот на обидот на владејачката класа да воспостави контрола врз медиумскиот простор. Кога систематски ги маргинализираш критичките и идеолошки непожелните гласови, создаваш празнина што мораш некако да ја пополниш. А кога критериумите не се знаењето, стручноста и аргументацијата, туку политичката и идеолошката подобност, резултатот е медиумски простор пополнет со секакви профили – од шуто до рогато. Така, обидот да се контролира јавната дебата завршува со нејзино деградирање.

Затоа, крајно време е да се преиспитаат медиумската сопственост, уредувачките политики, кадровските критериуми и одговорноста на директорите и уредниците на националните телевизии. Не станува збор за барање цензура, туку за прашање на јавниот интерес и професионалните стандарди.

А доколку мислите дека екскомуникацијата на Левица од медиумскиот простор е на штета единствено на Левица, тешко сте се излажале. Кога од јавната дебата се исклучува една политичка опција, не губи само таа, туку и народот, кој останува лишен од поширок спектар на политички ставови, аргументи и критики.

Прашањето, според тоа, не е само кој добива покана да гостува во ударен термин, туку и кој систематски останува надвор од медиумскиот простор.

Реџеп Исмаил – Хактан, потпретседател на Левица