Фотографската изложба „Чајанка“ на младата визуелна уметница Емилија Сандиќ ќе биде отворена в среда, на 4 ноември, во Концепт кафе „Шума“. Отворањето е закажано за 19 часот, во рамките на активностите на фестивалот „Зрно“, посветен на алтернативните фотографски процеси.
Изложената серија е создадена со ретката фотографска техника мордансаж (mordançage). При оваа постапка, под дејство на специфични хемикалии, фотографската емулзија се разградува и се одвојува од хартијата, создавајќи промени во нејзината структура. Преку овој процес, Сандиќ го истражува односот меѓу контролата и случајноста, како и меѓу стабилноста и променливоста на фотографската слика. Мотивите се растенија од кои се подготвува чај, а во фокусот е процесот на инфузија – трансформацијата што настанува кога врелата вода ја извлекува бојата, трагата и мирисот од сувата материја.
Изложбата ќе биде придружена со чај подготвен од растенијата прикажани на фотографиите. Така, визуелното искуство ќе се поврзе со мирисот и вкусот, во амбиентот на кафулето препознатливо по понудата на чаеви и топлата атмосфера.
Емилија Сандиќ е родена во Белград во 2003 година. Дипломирала фотографија на Академијата на уметностите во Нови Сад, каде што ги продолжува мастер-студиите. Во својата работа користи црно-бела аналогна фотографија и експериментални техники, со особен интерес за материјалноста на фотографијата. Досега учествувала на повеќе од 20 групни изложби во Србија и во странство, а е активна и во организацијата на фестивалот „Зрно“.
Изложбата „Чајанка“ е отворена за сите љубители на уметноста и алтернативната фотографија.
Следи го Антропол преку Google 
