Брисел ја условува Србија: Без усогласување со политиката на санкции кон Русија, нема членство во ЕУ

Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека Србија ќе мора да ја усогласи својата надворешна и безбедносна политика со Европската Унија, вклучително и во однос на Русија, доколку сака да стане членка на ЕУ. Изјавата доаѓа по изборната победа на студентската листа, која го порази Александар Вучиќ.

Србија најверојатно нема да може да стане членка на Европската Унија доколку продолжи да одбива усогласување со европската надворешна и безбедносна политика, особено во однос на санкциите против Русија, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Во интервју за полската телевизија „TVP World“, Кос беше прашана дали Србија може да пристапи кон ЕУ доколку не воведе санкции против Москва.

Таа посочи дека од земјите-кандидатки се бара „стратешко усогласување“ со политиките на Унијата во рамките на процесот на пристапување.

„Веројатно нема да биде возможно“ една земја да стане членка на ЕУ доколку не се усогласува со Унијата во надворешната и безбедносната политика, односно во заедничкото спротивставување на Русија, особено во контекст на конфликтот во Украина, изјави Кос.

Сепак, еврокомесарката нагласи дека Брисел сè уште не започнал разговори со новата српска влада за ова прашање.

Изјавата на Кос доаѓа по парламентарните избори во Србија, на кои студентската листа освои околу 52,7 проценти од гласовите, додека листата предводена од Александар Вучиќ доби околу 39,2 проценти.

Една од клучните теми што ќе ја дефинираат надворешната политика на новата власт е односот кон Русија и евентуалното воведување санкции.

Претставникот на студентската листа, професорот Јово Бакиќ, претходно изјави дека движењето ја почитува Русија како голема сила и историски важен партнер на Србија.

Според Бакиќ, евентуалните санкции од страна на Србија би имале ограничено влијание врз Москва, но би биле симболично негативни за Белград.

Илија Срдановиќ, водечкиот кандидат на студентската листа, во интервју за Радио Слободна Европа не ја исклучи целосно можноста за преиспитување на досегашната политика кон Русија. Тој, сепак, нагласи дека надворешната политика треба да биде одлука на граѓаните, а не на мал круг политички лидери.

Од Москва внимателно ги следат политичките промени во Србија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија се надева на продолжување на заемно корисните односи со Србија и под новото политичко раководство.

„Како што знаете, за танго се потребни двајца“, порача Песков, алудирајќи на потребата од взаемна подготвеност за одржување на партнерството.

Руското Министерство за надворешни работи претходно ја критикуваше Европската Унија поради, како што оцени портпаролката Марија Захарова, обидите да се создаде раздор меѓу Москва и Белград.

Захарова предупреди дека воведувањето санкции против Русија би можело да има негативни економски последици за Србија, особено во областа на енергетиката и трговијата.

Прашањето за санкциите против Русија претставува една од најголемите пречки во процесот на европска интеграција на Србија.

Европската Унија од земјите-кандидатки очекува усогласување со нејзината надворешна политика, додека Белград досега настојуваше да ги задржи традиционалните врски со Москва.

Победата на студентската листа отвори нова политичка фаза во Србија, но ставот на новата власт кон Русија и ЕУ сè уште не е целосно дефиниран.