Јотова победи на претседателските избори во Бугарија – во кампањата го употреби случајот со Ива Михаилова од Кочани

Илијана Јотова е победничка на претедателските избори во Бугарија, со што стана првата жена избрана на оваа функција. Таа освои 57,58 проценти од гласовите, додека нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров доби 39,47 проценти.

Јотова досега ја извршуваше функцијата претседателка, откако во јануари годинава Румен Радев поднесе оставка и се повлече од претседателската функција.

Во изминатите месеци таа беше актуелна и во македонската јавност поради нејзиниот ангажман околу случајот со Ива Михаилова од Кочани, за чие лекување во Бугарија повеќепати јавно се заложи.

Во август таа информираше дека испратила писмо до македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, барајќи да се разгледаат можностите за обезбедување соодветен третман за Михаилова. Како една од опциите го посочи и ангажирањето бугарски медицински тим кој би можел да ја прегледа Ива во Македонија.

Јотова тогаш соопшти дека сè уште нема добиено одговор на писмото, а најави дека случајот ќе го отвори и пред генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.

На 16 септември, за време на средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, во Стразбур, Јотова го отворила случајот со Михаилова и побарала внимание за нејзините човекови права и можностите за лекување. Таа тогаш оценила дека случајот претставува преседан за погазување на човековите права и предупредила дека еден индивидуален човечки проблем се претвора во политичка тема. Истовремено нагласила дека Бугарија не може и не сака да се меша во правосудството на Македонија, но дека е неопходно на Ива да ѝ се овозможи пристап до потребната медицинска грижа.

По пристигнувањето на Ива во Бугарија во октомври, Јотова повторно се осврна на случајот. Таа посочи дека постојат повеќе неразјаснети околности и дека најнапред треба да се почека мислењето на лекарите од болницата „Пирогов“. Изрази и подготвеност лично да се сретне со Михаилова, доколку нејзината здравствена состојба го дозволува тоа.

Може да ве интересира