(Видео) Здравевски: Јаневска го претвори студентскиот дом „Стив Наумов“ во ПР-сценографија, студентите и понатаму живеат во нехумани услови

Посетата на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на студентскиот дом „Стив Наумов“ е проследена со режирана презентација на состојбите, додека реалните проблеми на студентите остануваат нерешени, обвинува Петар Здравевски, портпарол на Црвена младина и советник од Левица во Советот на Општина Кисела Вода. Тој посочува дека зад камерите повторно се исклучило парното, а наводно прикажаната изобилна храна во мензата не ја отсликува секојдневната реалност на студентите, кои, според него, се соочуваат со протекување вода од ѕидовите, неисправно греење, недоволни оброци и недостиг од интернет. Здравевски ја критикува посетата како обид за создавање привид дека условите во студентскиот дом се подобрени, наместо институциите да се соочат со проблемите и да обезбедат достоинствени услови за живот на студентите.

Неговиот статус ви го пренсуваме во целост:

Гледам Јаневска денес била во посета на штотуку реновираниот студентски дом Стив Наумов и место да ја прикаже вистинската слика во студентскиот дом, одлучила да сними изрежирано само она што треба да го види јавноста.

На изрежираниот филм на Јаневска може да се види обилна храна во студентската менза, функционално парно, како сѐ е чисто, уредно, педантно, никој од студентите што се снимани нема никакви проблеми да пријави.

Но реалноста е далеку од тоа, реалноста е дека вода тече од ѕидовите, реалноста е дека радијаторите прават неподносливи звуци, реалноста е дека храната во мензата е недоволна, дека интернет нема…

Штом се изгаснаа камерите и си замина министерката, веднаш се исклучи и парното, а обилниот ручек исчезна исто толку брзо колку што дојде. Додека во бараките паѓаат ѕидови и тече вода, тие снимаат евтин ПР за да продадат илузија дека сè е во ред.

Студентите не се статисти во вашите режирани претстави, ниту пак живеат во вашите 5-минутни видеа. Време е да престанете да ги шминкате проблемите и конечно да обезбедите услови за достоинствен живот!