За првпат од 1990 година, македонските планини се најдоа на дневен ред во Собранието, што отвора можност за поголемо институционално внимание кон развојот на планинскиот и алтернативниот туризам. Еко-активистот и планинар Игор Смилев, во објава на социјалните мрежи, посочува дека Македонија, и покрај значителниот ридско-планински предел и туристичкиот потенцијал, сè уште нема организиран буџет за одржување и маркирање планинарски патеки, ниту организирана републичка спасителна служба.
Тој прави споредба со земјите од регионот и Европа, каде што државните вложувања во планинарската инфраструктура придонесуваат за развојот на туризмот, и предупредува дека без системска стратегија, обновување на планинарските домови и соодветна поддршка за волонтерите, Македонија ризикува да остане неподготвена за сè поголемиот интерес за планинарење и алтернативен туризам.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
За прв пат од 1990 година во Македонскиот парламент на дневен ред се најдоа македонските планини- златната кокошка со најголем потенцијал за развој на Македонија !
Ушите на владеачките елити на ДПМНЕ и СДС за жал досега не се навикнале да слушаат вакви теми !
Но, во тоа е и природниот прогрес – да влезе првин зборот во Собрание, да им буричка на елитите низ средното и внатрешно уво, и да сфатат дека иднината на прогресот во Македонија е само во организирана и системска стратегија за развој на алтернативниот туризам !
За брзо време, светската планинарска елита ќе дојде во Македонија, а за исто толку време ние повторно ќе ги дочекаме неспремни и изгубени во простор и време !
ФАКТИ И ПОДАТОЦИ ЗА БАЛКАНОТ кој децениски исчекори пред нашето каскање во место :
Франција има вработено неколку стотици луѓе/планинари кои годишно земаат безмалку докторска плата за одржување, расчистување и маркирање на планинарските патеки ширум Франција.
Државата проценила дека овој вид работа е исклучително тешка, напорна и затоа и платите им се на највисоко ниво.
Слично е и во Италија, Швајцарија, Чешка, Полска, Словачка….
Словенија годишно изгласа 400.000 евра државни пари за маркирање и одржување на планинарски патеки. Проценила дека најразвиената туристичка гранка ( алтернативниот и планински туризам ) мора да биде исклучително безбедна.
Колку за споредба, Словенија која е со приближно иста површина на планински предел со Македонија ( 11.531 км2) е со 56 % планински терен, а Македонија ( 11.044 км2) има 79- 80% ридско – планински терен !
Бугарија ( која патем е најразвиена планинарска дестинација на Балканот) уште во 90-тите години со генијалната визија на тогашниот политички врв успеа со државни пари од неколку милиони евра комплетно да реконструира и реновира неколку стотици планианрски домови , и на тој начин успеа да спречи нивна приватизација, и да воведе одлични и евтини услови за престој на планинари и здрава конкуренција со ужасно скапите приватни планинарски хостели и хотели.
Црна Гора( која е на 5-то место во светот со 89.3% планинска територија) со континуирано вложување во планинарската инфраструктура успеа од планинарскиот туризам да изгради финасиска империја која на државата и носи речиси дупло поголем прилив од морскиот туризам.
Србија ( која патем има едвај два врва малку над 2000 метри) успеа од планинскиот туризам во комбинација со бањскиот туризам да влезе во топ 30 најпосакувани замји за туристички престој од овој вид туризам.
Албанија е пример како за 5 до 8 години од една раскошна, но рудиментирана и неразвиена планинарска дестинација, направи ЗАЧУДУВАЧКИ И НЕСФАТЛИВ БУМ и за кратко време го фокусираше погледот на светот во сопствените зеници. Она што се случува таму е за НЕВЕРУВАЊЕ.
За кратко време, Албанија ќе премине во топ 10-те европски замји за алтернатѕивен туризам.
Македонија( која патем е седма земја во светот со 85.5% ридско-планински предел ) е единствена земја со најголем број приватизирани планинарски домови, со најголем број уништени и опожарени домови, со најмал број државни или јавни планинарски домови (едвај над 20) кои се на работ на уништување и згаснување.
Македонија е единствена земја на Балканот кој потрошила НУЛА денари за обнова или реконструкција на планинарски домови кои се во нејзина сопственост.
Македонија е единствена која ги потценува и не ги вреднува волонтерите кои од сопствени средства и со сопствена пот маркираат патеки, носaт материјали на грб до домовите и создаваат трајни вредности.
Секоја чест на некои спорадични исклучоци.
Македонија и понатаму останува без организиран буџет за одржување или маркирање на нови планинарски патеки и е единствена без организирана републичка спасителна служба.
Следи го Антропол преку Google 
