Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, ја критикуваше одлуката на Македонија да гласа против укинувањето на американските санкции врз Куба, оценувајќи дека Владата предводена од Мицкоски ги подредува надворешнополитичките позиции на земјата на интересите на САД и Израел. Мојсоска посочи дека над 130 држави во Обединетите нации гласале за укинување на санкциите, додека Македонија се најде меѓу 17-те земји што се изјасниле против. Таа го оцени гласањето како срамен потег и предупреди дека ваквата надворешна политика ја позиционира земјата на погрешната страна на историјата.
Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:
Македонија повторно на погрешната страна на историјата
Владата предводена од Мицкоски очигледно ќе остане запаметена како најлојален поддржувач на интересите на САД и Израел, дури и кога тоа значи убивање деца, геноцид, санкции, ембарга и поддршка на сите нехумани форми на американската надворешна политика.
Македонската влада, освен што отворено го поддржа ционизмот на #Израел врз палестинскиот народ (со официјална делегација) – вчера СРАМНО гласаше против укинувањето на санкциите врз Куба кои траат шест децении, наметнати од насилничката администрација на САД. Само 17 држави во ООН гласаа против укинувањето на нехуманите санкции: меѓу кои Израел, САД, Украина, Аргентина, Унгарија, Словенија, БиХ и за жал – Македонија.
Над 130 земји гласаа ЗА крај на бруталните санкции врз #Куба, држава која и покрај теророт кој го трпи од “светскиот џандар” – истата е пионер во медицински достигнувања и развој на вакцина против рак.
Каков ли ќе беше научниот развој на Куба за општото добро на човештвото, ако не беа бруталните и нехумани санкции? Најверојатно, со политичари кои молчат пред геноцид само за да им се допаднат на своите странски наредбодаватели – #Македонија уште ќе пишува страници во срамната книга на историјата.
Следи го Антропол преку Google 
