Давчева: Треба ли живи да изгориме во автобусите за конечно да се преземат мерки?

Советничката од Левица во Советот на Град Скопје, Милица Давчева, алармира за сериозната загрозеност на безбедноста на патниците во јавниот градски превоз, посочувајќи на зачестените случаи на запалени автобуси и сомнежот дека дел од возилата не ги исполнуваат ниту минималните технички услови за безбедно сообраќање. Таа упати остри критики до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и ДПМНЕ, прашувајќи колку уште инциденти се потребни за градската власт да преземе одговорност и да гарантира безбедно превезување на граѓаните.

Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:

Колку уште треба да се влоши состојбата во јавниот превоз за Орце и ДПМНЕ конечно да преземат одговорност?

Денес се запали автобус во Чаир, не знам веќе кој по ред автобус се пали во последниве неколку месеци. Автобуси се чекаат по неколку часови на автобуските, граѓаните се принудени да го приспособуваат целиот свој живот врз основа нефункционалниот јавен превоз, и за на крај кога конечно ќе дојде автобус, тој да не ги исполнува ни минималните технички услови за да се сообраќа низ градот и да превезува патници.

Каква совест и каква одговорност има градската власт кога граѓаните со часови чекаат превоз, а потоа се изложени на ризик во автобусите? Треба ли некој да загине за Орце да сфати дека јавниот превоз е основна животна потреба на илјадници луѓе?

Треба ли живи да изгориме во автобусите за конечно да се преземат мерки?

Граѓаните не се должни да ги плаќаат последиците од лошото управување. Ниту пак се должни да стравуваат дали ќе стигнат на работа, дали нивните деца безбедно ќе стигнат на училиште или дали патувањето со градски автобус ќе заврши со несреќа.