Мнозинството во Советот на Општина Охрид на 17. седница изгласа зголемување на цената на водата за пиење за 16% и на услугите на ЈП „Нискоградба“ за 2% за регулаторниот период 2027–2029 година. Против одлуката се изјасни советничката од Левица, Виолета Аврамоска, која оцени дека поскапувањата претставуваат дополнително финансиско оптоварување за граѓаните и побара да се разгледаат алтернативни решенија, наместо трошоците повторно да се префрлаат врз нив. Аврамоска потсети и на претходните зголемувања на цените на услугите на јавните претпријатија во Охрид, посочувајќи дека од почетокот на мандатот на градоначалникот Кирил Пецаков поскапеле услугите на „Градски пазар“ за 35%, паркинг-услугите за 40%, а гробарината и гробните места за 75%.
Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:
ПОВТОРНО ПОСКАПУВАЊЕ НА УСЛУГИТЕ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ,, ВОДОВОД” И ,,НИСКОГРАДБА”
На денешната 17 Седница на Советот на Општина Охрид мнозинството изгласа повторно зголемување на водата за регулаторен период 2027 – 2029 година, како и поскапување на услугите на ЈП ,, Нискоградба” за собирање и одведување на отпадни води за регулаторен период 2027 – 2029 година.
Она што го истакнав таму како советничка на Левица, ќе го истакнам и во оваа моја објава.
,, Нема да гласам за оваа точка, односно ќе гласам против. Ниту како советник, ниту како граѓанин не ги прифаќам овие поскапувања. Сметам дека треба да се побара друга алтернатива бидејќи ова е преголемо оптеретување за граѓаните. Веќе како да ви стана навика секоја година да ги покачувате цените во Јавните Претпријатија. Секако директорите ќе бараат оправдувања во економската ситуација и во одлуката на Регулаторната комисија, меѓутоа, сметам дека ова е последната алтернатива која треба да ја преземете. Секогаш постои некој друг излез, а не се’ да се товари врз грбот на граѓаните.”
Со одлуката на Советот на Општина Охрид охриѓани ќе плаќаат 16 % поскапа вода за пиење и 2% поскапи услуги на ЈП ,, Нискоградба”.
Да се потсетиме дека освен поскапувањето на водата, од почетокот на мандатот на градоначалникот Пецаков и локалната на ВМРО-ДПМНЕ, ЈП ,, Градски пазар”, ги поскапи услугите за 35%, паркинг – услугите поскапеа за 40%, а гробарината и гробните места за 75%.
Следи го Антропол преку Google 
