Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, преку објава на социјалните мрежи анализира дека бранот протести низ Европа ја потврдува важноста на класните односи и заедничките материјални интереси како движечки фактори на политичките процеси. Осврнувајќи се на незадоволството кај различни општествени групи, Исмаил посочува дека високите трошоци за живот, скапите кирии, енергетската криза и влошувањето на јавните услуги ги надминуваат идеолошките и културните разлики и создаваат заедничка основа за протестно дејствување. Тој, исто така, ја критикува тенденцијата на европските политички лидери да ја поврзуваат протестната мобилизација со надворешни влијанија, наместо да се соочат со економските причини што го поттикнуваат незадоволството на граѓаните. Во својата анализа, Исмаил се повикува на Маркс и Енгелс, како и на Ленин, за да ја истакне поврзаноста меѓу економските услови, класните интереси и политичките процеси.
Ви го пренесуваме неговиот статус во целост:
ПРОТЕСТИТЕ ШИРУМ ЕВРОПСКИОТ КОНТИНЕНТ: Секуларизација на политичкото
Протестите што деновиве се сè поактуелни низ земјите на европскиот континент се непобитен доказ за релевантноста на класата како доминантен (во крајна линија, ако не и единствен) елемент/агенс на политичкото. Или како што тоа Маркс и Енгелс го формулираат во Манифестот: „Историјата на сите досегашни општества е историја на класни борби.“
Имено, критиките кон протестите – настрана од аргументот против насилството – кои доаѓаат од двете крајности на модерните идеологии, од една страна, таборот на ултралибералите, а од друга, таборот на ултраконзервативците, според онтолошка и методолошка мерка, во суштина се исти – две лица на една паричка. Практично, двата табора упатуваат идентитетска критика кон протестите во обид да ја истакнат нивната наводна контрадикторност: демек немаат ништо заедничко, студентите (особено Gen Z) кои имаат ултралиберални ставови за културните и социјалните прашања, со значителениот дел од мигрантските заедници (особено оние од поконзервативни културни/религиозни средини) што се дел од протестните движења кои имаат потрадиционални, па дури и ултраконзервативни погледи на семејството, родот, сексуалноста и религијата.
Но токму она што ги обединува овие навидум контрадикторности е она што отсекогаш, низ целата политичка историја, било основа на нејзината траекторија: заедничкиот материјален интерес. Економијата е таа што во моментов ги обединува повеќе отколку културата. И едните и другите страдаат од скапи кирии, кратење и лоши јавни услуги, лоши училишта и универзитети, високи цени на енергијата и чувството дека системот не им нуди иднина. Тоа е основата – „лебот и солта“; сè друго е надградба, која не е нужно секогаш да биде дел од политичкиот супстрат во даден историски период. Па „не е свеста на луѓето таа што го определува нивното битие, туку, напротив, нивното општествено битие ја определува нивната свест.“ (Маркс во „Прилог кон критиката на политичката економија”).
Инаку, интересно е, би рекол и пресудно за да се разбере онтологијата на овој протестен бран на континентот, да се забележи кого, всушност, затекнатите влади го обвинуваат за протестите: од Макрон и Урсула до Еди Рама, речиси сите вперија прст кон „режимот на Путин“. А зошто? Па затоа што причините за незадоволството на народот се изнедрија главно како последица на позицијата на ЕУ во однос на Русија преку политиките на санкции и русофобија. Нема евтин гас и нафта, има скапа струја и пад на индустриското производство.
Така да помалку важно е кои и дали некои “агентури” ги или сакаат да ги инструментализираат протестите, реалноста е дека причините за нив вистински постојат и тоа многу изразито и интензивно тие се манифестирани во секојдневниот живот на народот. Што би рекол Илич Ленин, “политиката е најконцентриран израз на економијата”, особено во време на економска криза.
Следи го Антропол преку Google 