Грчкиот парламент усвои закон со кој се забранува пристапот до социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, а новите ограничувања ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2027 година. Законот, предложен од државниот министер Акис Скерцос, беше изгласан со мнозинство гласови по повеќе од 16 часа дебата во пленарната сала, објави „Ројтерс“.
Со новите законски одредби, платформите на социјалните мрежи ќе бидат обврзани да воведат сигурни механизми за проверка на возраста на корисниците, со цел да се спречи пристапот на децата под 15 години до услугите опфатени со забраната. Проверката ќе мора да биде спроведена во согласност со правилата за заштита на личните податоци.
За утврдување на возраста ќе може да се користат дигитални решенија развиени од грчкото Министерство за дигитално управување, меѓу кои апликациите „Kids Wallet“ и „Gov.gr Wallet“.
Според моделот што го претстави грчката влада, системот за верификација ќе овозможува да се утврди дали корисникот е над или под одредена возрасна граница, без притоа да се открива неговиот точен датум на раѓање или дополнителни лични податоци.
Примената на забраната во Грција е предвидена да започне на 1 јануари 2027 година.
Следи го Антропол преку Google 
