Демонстрантите за време на деветтиот ден од протестите во Тирана фрлиле неколку молотови коктели кон кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама, како и кон полицискиот кордон што ја обезбедувал зградата, пренесува албанскиот „Еуроњуз“.
Молотовите коктели предизвикале помал пожар, кој дежурната противпожарна екипа брзо го изгаснала.
Водените топови биле во готовност, но не интервенирале, ниту, пак, полицајците упатиле каков било повик до демонстрантите.
Демонстрациите завршиле по неколку часа со марш кон плоштадот „Скендербег“. Демонстрантите најавиле дека протестите ќе продолжат утре, кога е закажана пленарната седница на владата, пренесува Танјуг.
Во Албанија веќе девет дена се одржуваат протести предводени од студенти, кои започнаа поради незадоволството од состојбите во образованието, високите трошоци за студирање и слабите можности за вработување на младите. Протестите, меѓутоа, прераснаа во пошироки демонстрации против владата на албанскиот премиер Еди Рама, со барање за негова оставка.
Следи го Антропол преку Google 
