Албанскиот премиер Еди Рама вчера изјави дека неодамнешните протести се користат за дестабилизација на земјата и попречување на преговорите за членство во Европската Унија, порачувајќи дека никој не може насилно да ја урне владата.
На состанокот со директорите на средните училишта, одржан во Министерството за образование, на кој се разговарало за учеството на адолесцентите во протестите, насилството врз полицијата и мерките што владата ги разгледува за да спречи повторување на инцидентите, Рама оцени дека протестите не се поврзани со студентите и средношколците, иако, како што наведе, во нив учествуваат и млади луѓе со екстремни политички ставови.
„Ова е напад што се организира во точно утврдени рамки, го спроведуваат извежбани раце, а се потхранува од внатрешен оган поттикнат од странски актери. Ова е хибридна војна“, истакна Рама.
Тој ги отфрли тврдењата за несразмерна употреба на сила од страна на полицијата против демонстрантите, наведувајќи дека, според неговите податоци, биле повредени околу 200 полицајци и 80 демонстранти.
„Овој бран насилство мора да биде запрен“, порача Рама и додаде дека бил многу загрижен кога ги видел сцените од улиците, прашувајќи се дали младите луѓе вмешани во инцидентите знаат кој стои зад немирите.
Рама ги критикуваше и дел од медиумите, тврдејќи дека некои од нив известуваат за протестите во служба на различни интереси, што „доведува до тоа загриженоста во општеството да се претвора во гнев со цел да се урне владата“.
„Нека дојдат пред мене и нека ми кажат дека треба да си заминеме, дека имаат поинаков пристап и поинаква програма. Подготвен сум безусловно да сослушам кого било, каде било“, рече Рама.
Демонстрантите во Тирана ја демолираа скулптурата „Дијалог“, која албанскиот премиер Рама ја изработил и ја поставил пред зградата во која се наоѓа неговиот кабинет.
Додека протестите во Тирана продолжуваат, група предавачи на Политехничкиот универзитет во Тирана продолжија со маршот заедно со група демонстранти, извикувајќи ги паролите „Без млади нема Албанија“ и „Нема да запреме без оставка“.
Наставниците им се приклучија на демонстрантите откако потпишаа петиција со која се бара оставка од премиерот.
Следи го Антропол преку Google 
