Демонстрантите кои осми ден по ред протестираа во Тирана, синоќа се собраа на плоштадот „Скендербег“, каде што се наоѓаат и зградите на Владата и министерствата. Полицијата ги повика да се разотидат, но откако не успеа во тоа, ги растера со водени топови, солзавец и пепер-спреј.
До 21 часот синоќа, во итните медицински служби биле регистрирани седум повредени лица. Според информациите од итните служби и болницата „Мајка Тереза“, меѓу повредените има припадници на безбедносните сили, демонстранти, но и случајни минувачи, пренесува албанскиот „Еуроњуз“.
На плоштадот биле распоредени и силни полициски сили со околу 10 оклопни возила. Демонстрантите, кои мирно седеле на улицата, во еден момент фрлиле молотов коктел кон полицијата, пренесува албанскиот „Еуроњуз“, додавајќи дека полицијата потоа употребила солзавец и водени топови, а потоа и бибер-спреј.
Претходно дошло до судири меѓу полицијата и учесниците на протестот, откако демонстрантите фрлиле молотов коктел кон канцеларијата на премиерот, ја гаѓале полицијата со камења и ја оштетиле градската инфраструктура.
Дел од демонстрантите запалиле неколку контејнери за отпад и ги преместиле на улицата.
По ова, на плоштадот пристигнале засилени безбедносни сили со околу 10 полициски возила.
Во Албанија веќе осум дена се одржуваат протести предводени од студенти, кои започнаа поради незадоволството од состојбите во образованието, високите трошоци за студирање и слабите можности за вработување на младите. Протестите, меѓутоа, прераснаа во пошироки демонстрации против владата на албанскиот премиер Еди Рама, со барање за негова оставка.
Следи го Антропол преку Google 
