Протестите што се одржаа во Тирана поминаа во знакот на тензии и судири меѓу демонстрантите и полицијата, додека во текот на вечерта инциденти беа забележани во неколку делови на албанската престолнина.
Демонстрантите фрлаа петарди и пиротехнички средства кон седиштето на Социјалистичката партија, додека полицијата употреби солзавец и маневарска муниција за да ги растера насобраните, пренесува „Албанијан пост“.
Напнато беше и на плоштадот Скендербег, каде што полициски возила тргнаа во потера по демонстрантите.
За време на интервенциите, полицајците бркале неколку лица по градските улици и употребувале гумени палки.
Во еден инцидент, полицијата фатила демонстрант и го удирала со гумени палки, а биле приведени и неколку млади лица во центарот на Тирана и во близина на угостителски објекти, наведува „Албанијан пост“.
Друг инцидент се случил во близина на Националната опера и балет, на плоштадот Скендербег, кога полицијата се обидела да приведе малолетник.
На интервенцијата се спротивставиле граѓанки, главно жени, барајќи младиот човек да не биде приведен.
И при други приведувања, дел од граѓаните протестирале поради постапувањето на полицијата.
Биле изнесени обвинувања за физичко насилство и психолошки притисок врз младите, додека околностите на овие настани сè уште не се целосно разјаснети, наведува порталот.
Демонстрантите користеле и симболични банкноти во вредност од 2.500 евра, исмевајќи го ветувањето на албанскиот премиер Еди Рама за парична награда за припадниците на државната полиција.
Во текот на вечерта, едно лице ја изгубило свеста во делот од градот познат како Тајван, каде што присутните граѓани и медицинскиот персонал му укажале прва помош.
Во близина на филијала на банка, која беше нападната во претходните денови, биле засилени безбедносните мерки со поставување метални бариери и ангажирање приватно обезбедување.
Во Албанија веќе седми ден се одржуваат протести предводени од студенти, кои започнаа поради незадоволството од состојбите во образованието, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите. Протестите, меѓутоа, прераснаа во пошироки демонстрации против владата на албанскиот премиер Еди Рама, со барања за негова оставка.
Следи го Антропол преку Google 
