Бугарија побара од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и од врховниот командант на сојузничките сили во Европа, Алексус Гринкевич, зајакнување на воените капацитети, вклучително и ракетни системи, системи за борба против дронови и патролни авиони, изјави бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов.
„Го побаравме целиот можен спектар – ракетни системи, системи за борба против дронови и патролни авиони“, изјави Стојанов пред новинарите во Софија, каде што присуствуваше на одбележувањето на празникот на бугарското воено воздухопловство, пренесе БТА.
Тој додаде дека од НАТО било побарано и да демонстрира воена сила на бугарска територија и во територијалните води на земјата.
Стојанов наведе дека сојузниците имаат ограничени можности, бидејќи дополнителни воени капацитети бараат и Романија и балтичките земји.
Тој истакна дека е неопходно Бугарија, Романија и Турција да развијат заедничка стратегија за дејствување во регионот на Црното Море.
Најави дека очекува наскоро да одржи состанок со министерот за одбрана и началниците на генералштабовите на Турција и Романија, додавајќи дека Бугарија има политичка поддршка од балтичките земји.
„Интензитетот на нападите во Црното Море се зголемува секој ден“, изјави Стојанов, потсетувајќи на нападите во територијалните води на Романија.
Според него, овие настани укажуваат на потребата од модернизација на бугарските вооружени сили.
Бугарскиот министер оцени дека, и покрај распоредувањето сили и ресурси во Романија, балтичките земји и Полска, не е можно да се обезбеди целосна сигурност.
Тој додаде дека и Русија и Украина располагаат со современи технологии, но нападите со дронови и балистички ракети продолжуваат.
Како што наведе, Бугарија со сопствени ресурси настојува да ги намали ризиците, при што распоредила средства за кинетички напади и надзор.
Во моментов има два системи за извидување на своите води, а до крајот на неделата се очекува да пристигне и трет, целосно нов систем.
Стојанов изјави и дека вчерашниот состанок на Европската Унија бил посветен на нападите во Црното Море, изразувајќи надеж дека ќе следуваат брза реакција и зајакнување на бугарските капацитети.
Говорејќи за бродот „Челси 3“, бугарскиот министер наведе дека тој е закотвен на околу 10 километри источно од Лозенец и дека се очекува да започне нова операција за негово влечење.
Претходната операција била прекината во четвртокот поради временските услови, а се очекува бродот денеска да биде одвлечен до Бургас.
Следи го Антропол преку Google 
