Димовски: Интерпелација за енергетска политика

Колумна на м-р Дејан Димовски дип.ел инж и член на ЦК на ПП Левица

Пред две години Македонија за првпат доби Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Овој политички потег требаше да значи дека државата конечно ќе се насочи кон сопствениот енергетски и ресурсен потенцијал. По две и пол години, прашањето е едноставно: дали тој потенцијал се користи за државните потреби и во интерес на народот? Очигледно не! Не е исто електричната енергија да се произведува во земјата и производството да биде во државна сопственост, ниту е исто рудните богатства да се третираат како национален ресурс или како средство за развој на странскиот капитал. Македонија буквално ги распродава своите потенцијални енергетски ресурси и рудни богатства.

Време е за интерпелација на македонската енергетска политика.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини буквално води политика во корист на приватниот капитал, на сметка на државните енергетски компании. ЕСМ се задолжува на слободниот банкарски пазар за увоз на електрична енергија, со цел да се задржи социјалниот карактер на цената на струјата. ЕСМ ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум по 62 евра за мегават-час, што е пониска цена од производствената, која изнесува околу 90 евра за мегават-час. На овој начин се одржува социјалниот карактер на цената на струјата за домаќинствата, а разликата од околу 28 евра за мегават-час се надоместува преку кредитни задолжувања на ЕСМ на слободниот банкарски пазар.

Долгот на ЕСМ, заклучно со вториот квартал од 2026 година, изнесува 10.691.919.997 денари, односно 173.852.357 евра. Во јули 2024 година, долгот изнесувал 9.632.428.880 денари, односно 156.624.859 евра. За две години откако Македонија има ново министерство за енергетика, долгот е зголемен за 17.227.498 евра.

Наспроти ова, сите компании со предзнакот ЕВН во Македонија во 2025 година оствариле добивка од 45.000.000 евра. Само Електродистрибуција остварила добивка од 21.067.825 евра. Фотоволтаиците профитираат, а кога има недостиг на струја, увозот задолжително паѓа на товар на ЕСМ.

Состојбата со топлинската енергија е иста како и со електричната. Заклучно со вториот квартал од 2026 година, ЕСМ Дистрибуција на топлина должи 2.186.812.212 денари, односно 35.557.922 евра. Во 2025 година, ТЕ-ТО остварил добивка од 10,5 милиони евра.

Истата состојба е присутна и во бизнисот со нафтените деривати. Иако Македонија е целосно увозно зависна земја за нафтени деривати, не може да се занемарат високите добивки на компаниите што тргуваат со нив во 2025 година и во првата половина од 2026 година, наспроти галопирачките инфлаторни шокови што народот ги плаќа како последица на нафтената криза.

Енергетската политика во Македонија е мајка за странскиот капитал, а маќеа за државните енергетски капацитети. Енергетиката е стратешка дејност и не смее да биде потчинета на пазарната логика на приватниот профит, бидејќи она што за капиталот е извор на добивка, за народот е неопходен услов за секојдневниот живот и општествениот развој. Кога профитот се приватизира, а загубите и ризиците се социјализираат, тоа не е економска рационалност, туку класна политика во служба на приватниот капитал – кој во овој случај не е ниту домашен, туку странски – на чиј олтар се жртвуваат народниот интерес и економскиот суверенитет.

Политика на неспособност е и тоа што по две и пол години не е донесено законско решение со кое ЕСМ Продажба би станала универзален снабдувач. Наспроти ова, е донесено законско решение кое потенцијално отвора можност за продажба на ЕСМ.

Погрешна енергетска политика е да се слави ветерен парк што ќе го гради странска компанија, а погубна е политиката на евтина распродажба на рудните богатства во југоисточна Македонија. Профитот диктира целосно непочитување на народната волја. Технички необјасниво е како може да се поништуваат одлуки на општинските совети и референдумски одлуки со цел странци да ги изнесуваат националните рудни богатства, а државата да добива само 2% корист, со дополнителна последица – девастирана животна средина.

Народот многу скапо ги плаќа погрешните енергетски политики. Време е првата министерка за енергетика, рударство и минерални суровини да си замине од министерското столче.