Уште од античките времиња – поточно од II век п.н.е. – „Големиот пат на свилата“ и бројните каравани што се движеле по него, минувајќи низ илјадници градови и населби, ги поврзувале Азија и Европа преку трговски, економски, културни и научни врски. Овој пат одиграл клучна улога во развојот и просперитетот на многу градови и империи низ Азија и Европа. Историски гледано, Централна Азија гравитирала кон Кина; Патот на свилата и неговите каравани минувале низ овој регион, а „Небесната империја“ ја гледала Централна Азија како непосреден појас што го опкружува нејзиното јадро – самата кинеска империја.
Пишува: Дарко Тодоровски – Истражувач, докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација
Во 2013 година, во Астана, кинескиот претседател Си Џинпинг за првпат го изнесе концептот за „Економскиот појас на Патот на свилата“ на 21-от век. Претседателот Си тогаш изјави: „Додека стојам овде денес и се навраќам на историјата, како да го слушам ѕвонењето на камилските ѕвонци што одекнува низ планините и да ги гледам тенките столбови чад што се издигаат над пустината“.
Изборот на Астана во 2013 година за изјавата на Си ја истакна стратешката улога на Централна Азија како транзитен центар меѓу Истокот и Западот. Во својот говор, Си Џинпинг тогаш предложи иновативен модел на соработка заснован на пет клучни принципи („петте поврзувања“):
1. Координација на политиките: зајакнување на довербата и заедничко развивање стратегии за економски развој.
2. Единствена инфраструктурна мрежа: изградба на патишта, железници и транспортни коридори што се протегаат од Тихиот Океан до Балтичкото Море.
3. Олеснување на трговијата: отстранување на трговските бариери, намалување на трошоците и забрзување на движењето на стоките.
4. Монетарни и финансиски текови: проширување на плаќањата во национални валути со цел ублажување на финансиските ризици.
5. Дипломатија меѓу луѓето: зајакнување на културните врски, академските размени и пријателските контакти меѓу граѓаните.
Севкупната политика на Пекинг во однос на Централна Азија и на „Средниот коридор“ на иницијативата „Појас и пат“ – овој регион има стратешко значење за воената и енергетската безбедност на Кина.
Поттикнат од геополитичките случувања – „Средниот коридор“ доби приоритетно значење за НР Кина. Тој се профилира како клучен центар за економски раст и инвестициска активност, овозможувајќи му на регионот да ја врати својата историска улога на транспортна врска што ги поврзува Истокот и Западот.
Кина воспостави стратешки партнерства со сите земји од Централна Азија, засновани на принципите на добрососедство, меѓусебно почитување, еднаквост и доверба.
Караваните камили со свила, порцелан и чај денес се заменети со камиони и возови кои носат челик, електрични автомобили, машини, модерни технологии, иновации, и како во минатото, така и денес маршутите на овие каравани преминуваат пустини и планини, рамнини и степи, мориња, соединувајќи заедно многу различни народи и култури.
Кина е најголемиот трговски партнер за секоја држава во регионот. Во 2025 година, обемот на трговија меѓу Кина и овие земји достигна 106,3 милијарди долари, што претставува зголемување од 12% во однос на претходната година. Од нив, 49 милијарди долари се однесуваат на трговската размена со Казахстан, 18 со Узбекистан, а 40,3 милијарди долари се однесуваат на трговската размена со Туркменистан, Киргистан и Таџикистан.
Извозот од Кина во Централна Азија достигна вкупно 71,2 милијарди долари (раст од 11% на годишно ниво), поттикнат главно од машински, електрични и високотехнолошки производи. Увозот на Кина од Централна Азија достигна вкупно 35,1 милијарда долари (раст од 14%).
Што се однесува до странските директни инвестиции, кинескиот капитал – без разлика дали е државен, приватен или мешан – моментално сочинува над 65% од вкупните странски инвестиции. Главни приматели на кинески инвестиции во регионот се Казахстан (приближно 35%), Узбекистан, Туркменистан и Киргистан.
Во фаза на реализација се огромен број на инфраструктурни проекти, од кои стратешки се:
Железничка линија Кина–Киргистан–Узбекистан (CKU): Клучен проект кој моментално е во фаза на изградба (јужна рута).
„Хоргос – Источна порта“ (Khorgos-Eastern Gate): Голем логистички центар на границата меѓу Кина и Казахстан кој го олеснува претоварот на товар, неопходен поради разликите во стандардите за ширина на железничкиот колосек.
Гасовод Централна Азија – Кина: Енергетска артерија составена од четири линии (линиите A, B, C и планираната линија D) за транспорт на природен гас од Туркменистан, Узбекистан и Казахстан до Кина.
Кина активно соработува со земјите од Централна Азија на спроведување на различни проекти во рамките на иницијативата „Дигитален пат на свилата“. Оваа соработка опфаќа изградба на прекугранични кабли и мрежи, сателитски станици, центри за податоци и други компоненти на дигиталната инфраструктура, како и размена на технологија и експертиза во дигиталната сфера.
Денес, во Централна Азија се реализираат или планираат околу 84 проекти во рамките на „Дигиталниот пат на свилата“. Од нив, 30 се лоцирани во Казахстан, а 26 во Узбекистан. По десет проекти се спроведуваат во Таџикистан и Киргистан, со примарен фокус на иницијативите за „паметни градови“ и надградба на телекомуникациските мрежи. Во тек се осум проекти во Туркменистан, кои главно се фокусираат на поставување на оптички кабли по дното на Каспиското Море.
Политиката на Кина во регионот не е насочена кон агресивно наметнување на нејзиното влијание; наместо тоа, Пекинг се стреми постепено и внимателно да ги усогласи локалните елити со своите долгорочни интереси, користејќи алатки како што се инфраструктурни проекти, кредитирање, зголемен обем на трговија и развој на воено-техничка соработка. Клучни држави за НР Кина во Централна Азија и на Кавказ се Узбекистан, Туркменистан, Казахстан и Таџикистан.
Туркменистан е еден од најважните добавувачи на енергија за НР Кина; Казахстан служи како клучен финансиски центар за иницијативата „Појас и пат“ надвор од Кина; Узбекистан ја избра НР Кина за свој главен стратешки партнер во воено-техничката сфера; а Грузија е единствената држава на Кавказ (и една од ретките во Европа, покрај Швајцарија и Србија) што има договор за слободна трговија со НР Кина.
Во услови на радикални геополитички промени што ги преобликуваат перцепциите за „рамнотежата на силите“ и „рамнотежата на заканите“, безбедносната соработка меѓу Кина и земјите од Централна Азија доби особено значење. Кина има суштински интерес да ја одржува стабилноста во Таџикистан, Киргистан и Казахстан – земји што граничат со нејзиниот Автономен регион Синџијанг-Ујгур – и да спречи какви било обиди за дестабилизација на регионот.
Односите меѓу Кина и земјите од Централна Азија ќе продолжат брзо да се развиваат во блиска иднина. Сепак, за да се зачува регионалната стабилност, од клучно значење за Кина е да спречи Западот (првенствено Обединетото Кралство и САД) и Турција да ги искористат различните инструменти на влијание.
Целокупната политика на Кина кон Централна Азија – спроведувана преку иницијативата „Појас и пат“, Шангајската организација за соработка (ШОС) и воено-техничката соработка – има за цел да го трансформира регионот во просперитетна и стабилна зона во рамките на кинеската сфера на влијание.
Следи го Антропол преку Google 