Читам жалопојки и величања на Владо шоферот, Владо Черноземски, поточно Величко Димитров Керин од Каменица, денешен кварт на Велинград во Бугарија, пишува Андреа Јанков од Левица.
„Му се восхитуваат за „херојското дело“, атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ. Е па, историски шупелки, пред да прогласувате некого за македонски херој, прочитајте кого убивал и за кого работел.
Черноземски е Бугарин и атентатор на михајловистичката ВМРО, организацијата што соработувала со усташите и со нив го организирала Марсејскиот атентат. Истиот Черноземски во 1924 година го убива Димо Хаџи Димов, социјалист, револуционер и идеолог на левицата во македонското револуционерно движење.
Затоа, кога го славите Черноземски, кажете јасно дека го славите и убиецот на Димо Хаџи Димов.
Кралот Александар форсирал интегрално југословенство, создавање единствена југословенска нација. Во пописните инструкции од 1931 година, југословенските народности биле сведувани на една национална категорија. Тоа било обид националните разлики административно да се избришат. Но, истовремено, во таа, дури и кралска, Југославија, издадени на македонски јазик се и Печалбари на Антон Панов, и Бели Мугри на Кочо Рацин, и Бегалка и Чорбаџи Теодос на Васил Иљоски.
Најмалку што можеме да направиме е да престанеме со шизофрената пропаганда сите што го носеле името ВМРО да ги редиме во ист пантеон. Гоце Делчев, Јане Сандански и Димо Хаџи Димов не се ставаат во ист кош со Тодор Александров, Ванчо Михајлов и Черноземски.
Да ги славиш убијците и убиените истовремено, без да ја видиш противречноста, значи дека од историјата си ги научил имињата, а ништо не си разбрал“, вели Јанков.
Следи го Антропол преку Google 
