Честит 11 октомври – 85 години од востанието што го кренаа комунистите!

По повод Денот на народното востание, делегација на Левица, составена од пратеникот и член на Президиумот, м-р Сашко Јанчев, и прилепските советници Жарко Стевановски и Катерина Пузеска, положи свежо цвеќе на Могилата на непобедените во Прилеп, во чест на борците од Народноослободителната борба.

„На 11 Октомври 1941 година, македонските комунисти го кренаа востанието против бугарскиот фашистички окупатор, застанувајќи на чело на борбата за национално ослободување и самоопределување на македонскиот народ. Токму комунистите ја организираа антифашистичката борба и го трасираа патот кон слободна македонска држава, ослободена од окупација, фашизам и туѓо господарење.

Денес, кога Македонија повторно се соочува со национално потчинување и политичка зависност, потребни се истата револуционерна решителност и бескомпромисност. Само доследна левичарска, антифашистичка и антиимперијалистичка политика може да ја врати државата на патот на суверенитетот, достоинството и идеалите на НОБ и АСНОМ. Смрт на фашизмот – слобода на народот“, велат од Левица.