Посетата на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер на рускиот претседател Владимир Путин, по повод роденденот на Путин, предизвика остри критики од германски политичари од повеќе партии, пишува весникот „Цајт“.
Генералната секретарка на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Франциска Хоперман, ја оцени посетата на Шредер како срамна, наведувајќи дека за време на прославата во Русија, деца во Украина страдале во руските напади.
Посетата на Шредер на Москва ја осудија и политичарката на Зелените, Катрин Геринг-Екарт, како и пратеничката на Слободната демократска партија (ФДП), задолжена за одбранбена политика, Мари-Агнес Штрак-Цимерман.
Геринг-Екарт ја нарече посетата срам и предавство на Европа, додека Штрак-Цимерман го опиша поранешниот канцелар како „најбезобразниот пензионер во Германија“. Таа го критикуваше затоа што претходно го откажувал сведочењето пред истражна комисија поради здравствени причини, а сега отпатувал во Москва на роденденската прослава на Путин.
Слична критика упати и Денис Радке, претставник на социјалното крило на ЦДУ, кој иронично оцени дека Шредер е доволно болен за да не сведочи пред истражната комисија, но доволно здрав за да отпатува во Москва и да остварува нови приходи од Русија.
Шредер минатата година неколкупати го откажа сведочењето пред истражната комисија која се занимаваше со климатската фондација на германската сојузна покраина Мекленбург-Западна Померанија и нејзината улога во изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, наведувајќи дека страда од синдром на согорување, познат и како професионално прегорување.
За разлика од нив, пратеникот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и експерт за надворешна политика, Ралф Штегнер, ја бранеше посетата на Шредер, истакнувајќи дека поранешниот канцелар престојувал во Москва како приватно лице.
„Ако посетата на Шредер придонела за мирот макар и за милиметар, тогаш била успешна“, изјави Штегнер за весникот „Тагесшпигел“, додавајќи дека поранешниот канцелар сè уште може да отвори врата за разговори со Путин.
Според соопштението на Кремљ, Путин дознал од медиумите дека Шредер се наоѓа во Москва по деловни обврски, по што го поканил својот долгогодишен пријател на гости по повод роденденот.
Шредер, кој има 82 години, со години е мета на критики поради блиските врски со Путин и ангажманот во рускиот енергетски сектор. По почетокот на војната во Украина, тој неколкупати се сретна со рускиот претседател, а Путин во мај го спомена како можен посредник во преговорите за завршување на војната.
Пред посетата на Путин, Шредер ја посетил московската филијала на рускиот огранок на германскиот трговски синџир „Глобус“, каде што им се обратил на вработените. Неодамна бил именуван и во надзорниот одбор на компанијата.
Следи го Антропол преку Google 