Европската Унија би можела оваа зима да се соочи со недостиг од природен гас од дури 14 милијарди кубни метри, што одговара на околу седум отсто од побарувачката на Унијата и на количина енергија доволна за снабдување на меѓу 10 и 12 милиони домаќинства, предупредуваат извештаите на Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (ИЕЕФА) и Европската мрежа на оператори на преносни системи за гас (ЕНТСО-Г).
Недостигот од гас би можел да доведе до дополнително зголемување на сметките за енергија и воведување мерки за намалување на потрошувачката доколку ЕУ не обезбеди дополнителни количества на глобалниот пазар, кој веќе е под притисок поради војната во Иран и нарушувањата во снабдувањето со енергенси, објави бриселскиот „Политико“.
Резервите на гас во ЕУ се намалиле на нешто повеќе од 70 отсто од капацитетот, што е најниско ниво за овој период од годината откако започнало водењето евиденција во 2011 година.
Високите цени ги поттикнале трговците во текот на летото да продаваат гас наместо да го складираат за зимската потрошувачка, се наведува во извештајот на ИЕЕФА.
Европа се соочува со ограничени можности за обезбедување дополнителни количества, со оглед на тоа што цените на гасот се на највисоко ниво во речиси четири години, додека понудата е ограничена поради војната на Блискиот Исток.
Недостигот не значи нужно дека ЕУ ќе остане без гас, но количината на складиран енергент би можела да биде за седум милијарди кубни метри помала од потребната.
Тоа би ги принудило земјите да купуваат гас по високи цени на нестабилниот глобален пазар или да ја ограничат потрошувачката доколку не бидат достапни дополнителни резерви.
Доколку земјите бидат принудени оваа зима да потрошат поголем дел од резервите, следната година ќе мора да обезбедат поголеми количества гас за нивно обновување, што би можело да го продолжи периодот на ниски резерви и високи цени.
Во извештајот на ЕНТСО-Г за изгледите за снабдување во текот на зимата 2026/2027 година се предупредува дека, во случај на ограничен увоз на течен природен гас (ЛНГ) и студена зима, нивото на пополнетост на складиштата би можело да падне на 11 отсто.
Тоа е минималното ниво на стратешки резерви што не може лесно да се користат.
За до крајот на зимата да ги обноват резервите на 30 отсто и да ја намалат изложеноста на идни студени бранови, европските земји ќе мора да ја намалат потрошувачката или да ја ограничат достапноста на количества што одговараат на седум отсто од побарувачката, се наведува во извештајот.
Дополнителен притисок претставува забраната за долгорочни договори за снабдување со руски течен природен гас, која треба да стапи во сила во јануари и да го намали европскиот увоз за уште седум милијарди кубни метри.
Рускиот гас претходно се користел за покривање на зголемената побарувачка во текот на зимата, додека Европа сега повеќе се потпира на складираните резерви, наведува ИЕЕФА.
Побарувачката за гас во текот на зимата се зголемила во последните две години, додека увозот останал непроменет, поради што ЕУ сè повеќе ги троши складираните количества.
Нето-повлекувањето гас од складиштата во јануари годинава достигнало 22,6 милијарди кубни метри, наспроти 18,8 милијарди во јануари 2025 година и 17,8 милијарди кубни метри во јануари 2024 година.
Една од можностите е зголемување на увозот на ЛНГ, кој ЕУ во сè поголема мера го набавува од САД. Сепак, надоместувањето на недостигот по сегашните цени би ги чинело европските земји дополнителни три милијарди евра, односно 12 отсто повеќе отколку за истото количество минатата година.
Следи го Антропол преку Google 
