Американската војска подготвува планови за започнување големи борбени операции против Иран, вклучително и тридневна кампања насочена кон иранските лансери за ракети, дронови, енергетски постројки и воени локации, објави „Њујорк тајмс“.
Три носачи на авиони треба да пристигнат на Блискиот Исток до крајот на октомври, што би претставувало најголема концентрација на американските поморски сили во регионот од 2003 година.
Пентагон, по налог на претседателот Доналд Трамп, ги разработил плановите за напади, но претседателот претходно во повеќе наврати ги отфрлал предлозите за големи операции против Иран или јеменските Хути, милиција поддржана од Техеран, наведува весникот.
Високи претставници задолжени за националната безбедност, предводени од потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, ги разгледувале плановите на состанок во Кемп Дејвид, објави „Њујорк тајмс“.
Според извори запознаени со предлозите, операцијата би траела околу три дена, а целите би ги вклучувале иранскиот арсенал на ракети и дронови, енергетските постројки и командните центри на Иранската револуционерна гарда.
Трамп вчера на социјалните мрежи изјави дека нема да го нападне Иран пред меѓуизборите и дека двете земји водат „продуктивни разговори“.
Преговорите, кои се одвиваат со посредништво, и понатаму наидуваат на пречки во врска со иранската нуклеарна програма.
Вашингтон сака ова прашање да биде на прво место на дневниот ред, додека иранските преговарачи инсистираат тоа да се разгледува на крајот.
Американските официјални претставници наведуваат дека Иран во изминатите месеци ги унапредил своите воени тактики, поради што за пресретнување на неговите проектили сега се потребни повеќе ракети отколку претходно.
Според податоците на групата за следење на поморскиот сообраќај, предводена од британската морнарица, Иран од септември нападнал најмалку 13 бродови, додека разузнавачките извештаи укажуваат на речиси 20 напади.
Ниту еден од овие напади не предизвикал силен одговор од САД. Вашингтон продолжува да соборува ирански дронови и крстосувачки ракети, но не ја нападнал иранската „флота во сенка“, односно танкерите што превезуваат нафта заобиколувајќи ги санкциите, ниту извршил возвратни напади на иранска територија.
Следи го Антропол преку Google 
