Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, во гостување на телевизија „Алфа“ остро ги нападна граѓаните кои, според него, седат со телефоните во раце и се жалат на институциите и државата. Тој ги повика, „пред да ги испијат трите ракии“, да се запрашаат што придонеле самите тие за состојбите да не бидат такви.
„Седнуваат со телефонот во раце и… ‘Aјде сега да видиме: царината вака, судот вака, обвинителството вака, државата вака. Што си придонел ти тоа да не биде така? Запрашај се пред да ги испиеш трите ракии. Што ти, како граѓанин — сигурно работиш некаде, во некоја институција… што ти придонесе тоа да не се случува?“, рече Николовски во извадокот од интервјуто ставен на „Фејсбук“, кој директорот го сподели и на неговиот профил.
Обидувајќи се да дојде до поента дека напредокот на државата зависи и од индивидуалниот придонес на секој граѓанин, Николовски одговорноста за тоа каква ќе биде државата ја постави првенствено кај граѓаните.
„И пак ќе дојдам, она да го кажеме: ако секој од нас даде малку повеќе од нас, волја, желба, мерак, љубов во работата, верувајте, многу бргу, многу бргу тој квантум на таа позитивна енергија и желба ќе се срочи на едно место и ќе имаме невидени резултати како држава. Не како царина, не како било која друга институција. Како држава ќе имаме невиден напредок“, оцени Николовски.
Следи го Антропол преку Google 
