Сатанистичка молитва на седница од градскиот Совет

На седница на градскиот совет во американската сојузна држава Ајова избил инцидент откако еден жител ја започнал седницата со сатанистичка молитва, пренесуваат американските медиуми.

Пред почетокот на седницата на Градскиот совет на Отумва, поранешниот член на советот Мет Далби ја отворил седницата со повикување на „мрачниот татко“, а потоа завршил со зборовите: „Слава на Сатаната“, објави „Фокс њуз“.

Откако членовите на советот ја изговориле заклетвата на верност и била извршена прозивката, пасторот на центарот „Њу лајф“, Рик Бик, ја прекинал седницата барајќи реакција на повикувањето на Далби.

„Ајде да ја поништиме оваа клетва фрлена врз нашиот град. Овој завршеток со ‘Слава на Сатаната’ или ‘Слава на мрачниот бог’ овде не е добредојден“, инсистирал Бик.

Иако членката на Градскиот совет Кара Галовеј му рекла на Бик своите коментари да ги остави за делот од седницата предвиден за обраќање на јавноста, тој побарал итна реакција.

Како одговор на тоа, градоначалникот на Отумва, Бенџамин Фут, побарал 30 секунди тишина за молитва или размислување, отфрлајќи ги обидите на Галовеј да се продолжи со дневниот ред на седницата.

Фут истакнал дека молитвата изговорена на почетокот на седницата не ја одразува верата ниту вредностите на семејствата кои живеат во тој град.