Високи претставници на Соединетите Американски Држави и Русија разговараат за можноста за вклучување американски инвеститор во компанијата која управува со „Северен тек“, некогаш главната рута за испорака на руски гас кон Германија и Европа.
Во разговорите учествуваат американскиот специјален пратеник Џаред Кушнер и блискиот советник на рускиот претседател Владимир Путин, Кирил Дмитриев, наведуваат пет анонимни извори запознаени со разговорите за „Ројтерс“.
Тие двајца во последните недели се среќавале во Москва и Њујорк, а темата за „Северен тек“ била на дневен ред на нивните разговори.
Кушнер, кој се обидува да посредува во завршувањето на војната во Украина, смета дека деловните аранжмани би можеле да бидат дел од поширокиот процес на воспоставување мир.
Во такво сценарио, американски инвеститори би можеле да учествуваат во идните енергетски текови кон Европа и да остварат профит по завршувањето на војната.
Разговорите меѓу Вашингтон и Москва не се ограничени само на гасот.
Кушнер и Дмитриев разговараат и за можна продажба на европски и друг имот на рускиот енергетски гигант „Лукоил“, вклучително и рафинерии и бензински станици.
Според еден од разгледуваните модели, конзорциум составен од американската ДФЦ агенција и инвеститори од Катар и Обединетите Арапски Емирати би го купил тој имот, додека американските власти би ги укинале санкциите.
„Стив Виткоф и Џаред Кушнер работеа со ДФЦ на преговорите за значителна уплата однапред и удел на Соединетите Американски Држави во идната добивка“, изјавил претставник на Белата куќа.
Сепак, американски претставник изјавил дека поради бројните пречки, договор за обновување на извозот на руски гас во среден рок е малку веројатен.
Гасоводите „Северен тек“ во моментов се под американски и европски санкции, па нивното повторно активирање во сегашните околности би било незаконско.
Вашингтон би можел да ги ублажи или укине американските санкции, но евентуалната победа на демократите на изборите за Конгресот следниот месец би го отежнала таквиот потег.
Пред почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, Германија повеќе од половина од своите потреби за гас ги задоволуваше со увоз од Русија преку двата гасоводи „Северен тек“.
Испораките подоцна беа намалени, а гасоводите во септември 2022 година беа оштетени во серија подводни експлозии.
Евентуалното враќање на рускиот гас би се соочило и со силен политички отпор во други европски земји, особено во Полска и балтичките држави, кои сметаат дека тоа претставува безбедносен ризик.
Следи го Антропол преку Google 
