На собраниската седница, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, го образложи Предлог-законот за заштита на цивилната критична инфраструктура, со кој се предлага воспоставување систем за државна заштита на објектите од кои директно зависи секојдневното функционирање на граѓаните. Предлогот не доби поддршка од пратениците на ДПМНЕ, ниту од СДСМ.
Како што посочи Исмаил, цивилната критична инфраструктура ги опфаќа водоводните системи, трафостаниците, електричните системи и други објекти чие функционирање е од витално значење за граѓаните. Во моментов, голем дел од овие објекти се во надлежност на локалната власт, која често нема доволно капацитети за нивна соодветна заштита, па обезбедувањето се препушта на приватни компании.
„Мислам дека комерцијализацијата на заштитата на ваквите објекти е сериозна работа и ние мораме да направиме еден поопфатен систем којшто ќе значи дека државата гарантира заштита на оваа инфраструктура, од витална важност за функционирање на секојдневниот живот на граѓаните“, истакна Исмаил.
Предлогот на Левица истовремено нуди решение и за статусот на професионалните војници кои по навршувањето 45 години повеќе не можат да продолжат да служат во Армијата. Наместо обучениот кадар да остане неискористен, се предлага воспоставување служба за заштита на критичната инфраструктура во рамките на Министерството за одбрана, во која овие лица би можеле да продолжат со работа, без јавен конкурс и со задржување на соодветните права, платите и бенефициите од работниот стаж.
„Со едно решение се решаваат овие два проблеми. Од една страна се добива заштита од страна на државата на критичната цивилна инфраструктура, а од друга страна се решава статусот на професионалните војници кои после 45 години не смеат повеќе да бидат дел од Армијата“, рече Исмаил.
Според предложениот модел, службата би функционирала во рамките на Министерството за одбрана и би била координирана со Центарот за управување со кризи. Државата би ја утврдувала критичната инфраструктура што треба да биде заштитена и динамиката на воспоставување на системот согласно расположливите капацитети.
Исмаил посочи дека целта е заштитата на инфраструктурата од која зависи секојдневниот живот на граѓаните да биде јавна функција и одговорност на државата, а не комерцијална услуга препуштена на приватното обезбедување.
Следи го Антропол преку Google 