Најмалку 81 американски воен авион и дрон се оштетени или уништени од почетокот на војната против Иран, покажува нов извештај на Конгресната истражувачка служба.
Според извештајот, објавен во понеделникот, американската војска претрпела загуби меѓу беспилотните летала, вклучително 45 дронови МК-9 „Рипер“, три дрона МК-1 „Предатор“ и еден МК-4Ц „Тритон“.
Меѓу борбените авиони, најмногу настрада флотата на Ф-15Е „Страјк игл“. Од почетокот на војната, на 28 февруари, оштетени или уништени се 12 вакви авиони. Три биле уништени во Кувајт како резултат на дејствување на сопствените сили, додека осум биле оштетени во ирански напад во Јордан.
Иран уништил и еден авион А-10 „Тандерболт 2“, додека уште еден бил оштетен во Јордан. Оштетен е и еден ловец Ф-35А „Лајтнинг 2“.
Централната команда на американската војска, која ги надгледува американските сили на Блискиот Исток, не сакала да го коментира извештајот, пренесува „Хил“.
Војната ги погоди и авионите за воздушно полнење гориво. Седум авиони КЦ-135 „Стратотанкер“ биле оштетени или изгубени. Еден од нив се урнал во Ирак, при што загинале сите шест членови на екипажот, додека друг морал принудно да слета. Уште пет авиони биле оштетени во Саудиска Арабија.
Според извештајот, оштетен е и еден авион Е-3 „Сентри“ за рано предупредување и воздушна контрола, додека два авиони МЦ-130Ј „Командо 2“ биле намерно уништени во април за време на операции за пребарување и спасување по соборувањето на еден Ф-15Е.
Извештајот на Конгресната истражувачка служба е објавен во време кога растат и трошоците за војната. Централната команда во средината на септември ги известила конгресните одбори за одбрана дека трошоците за конфликтот достигнале 43,6 милијарди долари, без дополнителните 1,5 милијарди долари за гориво и други трошоци.
Според извештајот на Конгресната канцеларија за буџет, војната би можела да придонесе за зголемување на инфлацијата на почетокот на следната година.
Покрај тоа, во извештајот на инспекторот на Пентагон, објавен минатиот месец, се наведува дека американските дипломатски објекти во Ирак, Кувајт, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати претрпеле проценета штета од 184 милиони долари како резултат на иранските воени напади.
Следи го Антропол преку Google 
