Јужна Кореја го повлекува својот амбасадор од Украина по продлабочувањето на дипломатскиот скандал околу јавното објавување на трансферот на двајца севернокорејски воени заробеници во Сеул. Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг го обвини Киев дека го прекршил договорот за доверливост и предупреди дека Сеул може да преземе дополнителни мерки.
Јужнокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека амбасадорот Парк Ки-чанг ќе го напушти Киев и ќе се врати во земјата. Одлуката доаѓа по дипломатскиот спор што започна откако украинскиот претседател Володимир Зеленски во септември, во обраќањето пред Генералното собрание на ОН, јавно го објави трансферот на двајцата севернокорејски војници во Јужна Кореја.
Според достапните информации, војниците биле заробени во јануари 2025 година во руската Курска област, каде што севернокорејски сили учествувале во борбите на страната на Русија против украинската офанзива.
Сеул тврди дека Киев претходно побарал информацијата за трансферот да остане доверлива, меѓу другото поради безбедноста на заробените војници и нивните семејства, како и поради чувствителноста на случајот. Украина, пак, негира дека постоел договор со кој се барало трансферот да не биде јавно објавен.
Јужнокорејскиот претседател Ли во објава на „Икс“ го обвини Киев дека првично побарал доверливост, а потоа еднострано ја објавил информацијата и со негирањето на постоењето на договорот го довел Сеул во ситуација да изгледа како „лажго“.
Ли дополнително го обвини Киев дека, наместо да се извини, се обидува да ја пренасочи дискусијата кон можен воен судир меѓу Северна и Јужна Кореја. Тој ваквото однесување го опиша како „обид за предизвикување војна на Корејскиот Полуостров“.
„Доколку продолжи одбивањето да се признаат фактите и да се упати јавно извинување, ќе преземеме дополнителни мерки“, предупреди јужнокорејскиот претседател, нагласувајќи дека прашањето е поврзано со националното достоинство на Јужна Кореја.
Спорот ескалираше откако советникот на Зеленски, Дмитриј Литвин, негираше дека постоел договор за доверливост. По неговата изјава, Сеул го повикал вршителот на должноста украински амбасадор на разговор на 28 септември.
Украинскиот министер за надворешни работи Андреј Сибиха потоа се обидел да го намали интензитетот на спорот, нарекувајќи го случајот „дипломатско недоразбирање“ и посочувајќи дека работи на негово решавање.
Јужна Кореја од 2022 година ѝ обезбедува хуманитарна и финансиска помош на Украина, а во јули вети дополнителна помош од 100 милиони долари. Сепак, Сеул досега одбиваше директно да испраќа оружје. Ли не прецизираше какви дополнителни мерки би можела да преземе Јужна Кореја.
Случајот дополнително ги оптоварува односите меѓу Киев и Сеул во чувствителен геополитички момент. Северна и Јужна Кореја технички сè уште се во воена состојба, бидејќи Корејската војна од 1950 до 1953 година заврши со примирје, а не со мировен договор.
Од украинска страна засега се инсистира дека станува збор за дипломатско недоразбирање, додека Сеул бара признавање на наводното прекршување на договорот и јавно извинување. Северна Кореја досега нема дадено официјален коментар за трансферот на своите државјани во Јужна Кореја.
Следи го Антропол преку Google 
