Британскиот свиркач кој ја откри врската на трамповиот Секретар за трговија, Хауард Лутник со Џефри Епстин се „самоуби“ – барања за независна истрага

Смртта на британскиот свиркач Сајмон Андрис, кој претходно обелодени информации за деловни врски меѓу американскиот министер за трговија Хауард Лутник и Џефри Епстин, предизвика барања за независно преиспитување на постапувањето на британските регулаторни институции кон него.

Андрис, 57-годишен поранешен извршен директор во брокерската компанија BGC Partners, со години водел правна битка со својот поранешен работодавач и британската Агенција за финансиско однесување (FCA), откако пријавил наводни финансиски неправилности и тврдел дека бил изложен на одмазда поради неговото свиркачко дејствување.

Тој починал на 23 септември во Тајланд, а неговото семејство соопштило дека нема индикации за туѓо влијание и дека се сомнева дека станува збор за самоубиство.

Андрис првпат почнал да укажува на, како што тврдел, сметководствени неправилности во BGC во 2016 година. Подоцна ја обвини FCA дека не ги истражила соодветно неговите пријави и не го заштитила откако неговиот идентитет бил откриен во компанијата.

Британскиот регулатор подоцна признал дека погрешно го информирал Андрис дека нема право на заштита како свиркач и му се извинил.

Неговите пријави довеле и до постапки во САД. Американските регулатори, меѓу кои Комисијата за тргување со фјучерси на стоки (CFTC) и Комисијата за хартии од вредност (SEC), презеле мерки поврзани со BGC, додека британските даночни власти ѝ изрекле санкции на компанијата. Андрис добил и награда од 420.000 долари од американските власти за информации доставени како свиркач, но тврдел дека неговите трошоци за адвокати, лекување и други расходи биле значително повисоки.

Во последниот период, Андрис се појавил и како извор на информации поврзани со претходно непознати деловни контакти меѓу Лутник и Епстин.

Тој тврдел дека пронашол електронски пораки од 2018 година во објавените документи поврзани со Епстин, во кои Лутник и Епстин разговарале за компанијата за дигитално огласување Adfin, во која двајцата наводно инвестирале. Андрис го доставил материјалот до Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на САД пред Лутник да сведочи пред конгресмените во мај.

Лутник пред Комитетот изјавил дека до 2026 година не знаел дека Епстин бил коинвеститор во проектот. Министерството за трговија ги отфрли обвинувањата дека Лутник ги довел во заблуда законодавците, оценувајќи ги критиките како политички мотивирани напади.

По смртта на Андрис, британски пратеници и организации кои се залагаат за заштита на свиркачите побараа независно испитување на постапувањето на FCA.

Пратеникот од Лабуристичката партија Џон Мекдонел и други членови на меѓупартиска парламентарна група сметаат дека регулаторот не треба сам да го истражува сопственото постапување. FCA, сепак, за оваа цел ја назначи членката на својот одбор Леа Патерсон да спроведе проверка на начинот на кој бил воден случајот на Андрис.

Од FCA соопштија дека сериозно ги разгледале информациите што ги доставил Андрис, но истовремено признале дека направиле грешки во постапувањето со него. Пред неговата смрт, Андрис одговорот на регулаторот на наводните неправилности што ги пријавил го опишал како обична регулаторна „шлаканица по рака“.