Отворено писмо на лекарот Василевски, упатено до министерот Клековски

Лекарот Дарко Василевски денеска го прекина штрајкот со глад пред Деканатот на медицинскиот факултет во Скопје, откако самиот констатираше дека институциите немаат слух за неговите барања. Но, затоа попладнево тој му упати отворено писмо на министерот за здравство, Сашо Клековски, кое што ви го пренесуваме во целост.

„Почитуван министер Сашо Клековски (за разлика од вас јас ви се обраќам со почит кон вас како личност, како министер за здравство и институцијата која што ја раководите).

Човекот или конкретно лице е доктор Дарко Василевски, доволно ќе беше само по име да ме споменете, не мора со докторот, титулите не го прават човекот.

Па така човекот/конкретното лице сака да ви каже дека не аплицира на секој оглас кој ќе се објави, туку чекал да излезе оглас каде што ќе може да ја работи специјалноста за која се определил. Уште еднаш ќе кажам дека сум аплицирал на сите повици од Министерството за здравство за вработување на приватни специјализанти, вклучително и последниот од месец Август 2026 година. Како доказ прикачувам скриншот од апликацијата, затоа што друг доказ (повратен мејл или контакт од одговорно лице во министерството) немам. Апликацијата е поднесена на 12.08.2026 година и тоа 2 пати за да бидам сигурен.

Човекот/конкретното лице избрало специјалност која е најдефицитарна гранка од медицината. Во моментот во јавно здравствените установи и Институтот за физиологија работат вкупно 16 специјалисти по Спортска медицина (информации од Мој Термин) и има уште околу 5 приватни здравствени установи (за оваа бројка не сум сигурен, може да се 1-2 повеќе). Значи на територијата на Република Македонија има околу 20 активни специјалисти по спортска медицина кои прегледуваат околу 30.000 – 40.000 деца (неофицијална бројка на деца организирани во клубски систем) и професионални спортисти, рекреативци, балетски уметници. Прегледите се извршуваат на 3, 4 или 6 месеци зависно од барањата на соодветната федерација.

Жал ми е што наместо за ова, вие одлучивте за разговарате за (не)надлежности, просек, колку години сум студирал итн“.

Може да ве интересира