Пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, на денешната собраниска седница го образложи Предлог-законот за дополнување на Законот за субвенциониран оброк на студентите, со кој се предлагаат конкретни мерки за подобрување на студентскиот стандард. И покрај тоа што предложените измени значат директно зголемување и проширување на поддршката за студентите, пратениците од ДПМНЕ го одбија предлогот на Левица.
Во време кога сѐ поголем број студенти ја напуштаат државата, студентскиот стандард останува на ниско ниво, а програмата за студентски стандард во Буџетот за 2026 година е намалена за 28% во однос на 2025 година. Во исто време, износот на субвенционираниот студентски оброк не ги следи инфлаторните движења, иако тоа е предвидено со закон. Левица предложи износот на субвенцијата да се утврди на 1% од минималната нето-плата, со што денес би изнесувал околу 260 денари и би се усогласувал со растот на платите, наместо да зависи од волјата на министерот.
Исмаил посочи дека актуелниот доходовен цензус ги исклучува од субвенционираниот оброк токму студентите кои работат за да можат да си го финансираат своето образование:
„Тоа што студентот работи не значи дека нему не му треба дополнителна субвенција за да може барем да има помош во исхраната. Тие работат поради тоа што не можат да си дозволат со сопствениот социјален статус да студираат.“
Со предложените измени се бараше и укинување на доходовниот цензус, проширување на правото на субвенциониран оброк за вонредните студенти, како и можност оброкот да се користи секој ден, вклучително и во недела и за време на празници. Дополнително, се предлагаа јасни нутритивни стандарди за студентските оброци, со што би се утврдиле нивниот квалитет, количина и хранлива вредност.
„Ограничувањето да не може да се користи субвенционираниот оброк во недела и за време на празници е навистина голем апсурд. Студентите и во недела јадат, и за време на празници јадат, престојуваат во студентските домови, одат во библиотеките и читалните на факултетите, работат, учат, се спремаат за испитите и за обврските кои што им следуваат на факултетите“, истакна Исмаил.
„Овие измени се првиот чекор. Нашата цел е студентскиот оброк да престане да биде симболична картичка и да стане дел од вистински студентски стандард, достапна, квалитетна и нутритивно соодветна исхрана за секој студент.“
Следи го Антропол преку Google 
