Пензионираниот полковник на американската армија Даниел Дејвис оцени дека изјавите на одделни западни воени лица и функционери за можна изолација или воена операција против Калининградската област не се показател за реални оперативни планови на НАТО, туку пораки наменети пред сè за домашната јавност.

Дејвис наведе дека со таквата реторика во западните земји, според него, се создава илузија на сила и уверување дека НАТО би можел без големи последици да влезе во директен конфликт со Русија.

„Сè што се зборува за можноста за напад врз Калининград во Европа и НАТО е глупаво колку што може да биде. Таквите изјави може да се даваат само за домашната публика – луѓето дома да мислат дека во секој момент можеме да ги покориме овие Руси“, рече Дејвис.

Тој смета дека зголемувањето на тензиите околу Калининград претставува сериозна грешка на западната политика и дека воинствените пораки дополнително го зголемуваат ризикот од ескалација меѓу НАТО и Русија.

Прашањето за Калининград во последните недели повторно е во центарот на вниманието поради воените активности на НАТО во балтичкиот регион и предупредувањата од Москва дека секој обид за напад или изолација на таа руска област би имал сериозни последици. Калининградската област се наоѓа меѓу Полска и Литванија, две членки на НАТО, и има големо воено-стратешко значење за Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин на 1 октомври, на заседанието на Меѓународниот дискусионен клуб „Валдај“, порача дека Москва нема намера да ги нападне европските држави, но истовремено предупреди што би следувало во случај на директен напад врз руска територија.

„Ако дојде до директен напад врз Руската Федерација – во овој случај зборуваме за Калининград, а можеби и за други територии – прашањето за употреба на сите видови оружје со кои располага нашата земја неизбежно и веднаш ќе биде ставено на дневен ред“, рече Путин.

Рускиот претседател нагласи дека Москва таквата порака не ја смета за закана, туку за одговор на она што во Кремљ го гледаат како обиди за заплашување на Русија.

„Немаме намера никого да нападнеме – ниту во 2029, ниту во 2030, ниту во 2050 година. Но, ако се соочиме со агресија, ќе бидеме принудени да одговориме. Граѓаните на европските земји мора јасно да го разберат тоа“, порача Путин.

НАТО, од друга страна, наведува дека Алијансата има одбранбен карактер и ги отфрла тврдењата дека му се заканува на Калининград, додека руската реторика за можна употреба на нуклеарно оружје ја оцени како неодговорна.

Дејвис, сепак, смета дека токму јавното лицитирање со можни операции против Калининград создава дополнителен ризик во момент кога односите меѓу Москва и НАТО веќе се оптоварени со војната во Украина и зголемените воени активности на Балтикот.