Копретседателката на Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, го обвини германскиот канцелар Фридрих Мерц дека со политиката кон војната во Украина ги зголемува безбедносните ризици за сопствената земја, порачувајќи дека Германија поради курсот на актуелната влада станува „мета за Русија“.
„Фридрих Мерц ја претвора Германија во мета за Русија. Тоа мора веднаш да престане“, рече Вајдел, во изјава што ја пренесе „Клеш рипорт“. Нејзините зборови ги пренесоа и други европски медиуми.
Вајдел оцени дека конфликтот во Украина стана еден од најголемите безбедносни предизвици за Европа, а особено за Германија, и повторно ја критикуваше одлуката на Мерц да продолжи со силна воена и финансиска поддршка за Киев.
Критиката на лидерот на АфД уследи по посетата на Мерц на Киев, за време на која германскиот канцелар најави нова помош за Украина. Според податоците објавени од АП, Берлин тогаш најавил повеќе од 1,3 милијарди евра дополнителна помош, од кои околу една милијарда евра за воени потреби, вклучително и оружје со долг дострел, беспилотни летала и сателитска технологија.
Вајдел во тој контекст иронично зборуваше за Мерц како за „најдобриот канцелар што Германија некогаш го имала“, обвинувајќи го дека повеќе се занимава со Украина отколку со економските и социјалните проблеми во сопствената земја.
Таа претходно тврдеше дека Мерц му ветува на украинскиот претседател Володимир Зеленски нови милијарди евра од парите на германските даночни обврзници, додека, според неа, во Германија недостасуваат пари „буквално за сè“. Вајдел истакна и дека германските издвојувања за Украина достигнале огромни размери, барајќи поголема транспарентност во однос на начинот на кој се користат тие средства.
Мерц, сепак, ги отфрла барањата на АфД Берлин да го промени курсот кон Москва и Киев. Канцеларот на почетокот на октомври повтори дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина и ја обвини Русија за хибридни напади и обиди за дестабилизација на европските држави.
Разликите околу односот кон Русија и војната во Украина станаа една од главните линии на политичкиот судир меѓу Мерцовата ЦДУ и АфД. Додека владата инсистира на продолжување на помошта за Киев, АфД бара прекин на таквата политика и обновување на односите со Москва.
Следи го Антропол преку Google 
