Врати го она што не е твое. Имај почит, гласи пораката во филмот „Сенки“ од 2007 година на режисерот Милчо Манчевски, филм со првичен работен наслов „Коски“.

Пишува: Љубомир Чојлиски

Тогаш коските се престорија во сенки а денес, по речиси две децении сенките (над Балканот) се материјализираа повторно во коски.

Филмот се осврнува на трагичната судбина на протераните Македонци од Грција чии коски не можат дури ни да почиваат во мир а денес еве дојдоа на ред да си заминат и царските коски кои „само“ еден милениум ја „загадуваат“ истата, од „памтивек грчка“ територија.

И да, намерна ми е секоја сличност со:

– Палестинците и „староседелците“ Ционисти на кои Господ им ја ветил земјата која темелно ја „чистат“ (сосе дечињата) со булдожери и бомби;

– или со Косовските Срби и „староседелците од Илири“ Косовски Албанци кои со помош на „Милосрдниот ангел“ ги решија словенските (но и ромските) „натрапници“ (сосе дечињата);

– или со Краишките Срби кои бегајќи од Османлиите ја загадиле „тисуќљетна“ Хрватска па затоа беа исклани по Јасеновци, а она што остана пометено со „Олуја“ сосе дечињата).

– и многу други по светов… сосе дечињата, бидејќи на Западната демократија ѝ требаат многу дечиња, што за органи, што за педофилија, ритуали и мезе по Епштајн островите.

Сезона на коски

На Република Македонија, додека уште, барем за по дома, се викаше така, ѝ велеа баталете го минатото, свртете се кон иднината. А иднината разбира се, ЕУ-ропска. И така ја договорија Република Северна Македонија и за по дома.

Она што не ни го кажале е дека откако ќе влезеш во ЕУ не мора веќе да гледаш во иднината и можеш слободно да копаш по минатото, односно буквално да откопуваш гробови и тргуваш со коските. Та нели четирите основни слободи кои ја дефинираат европската интеграција се слободен проток на луѓе (еве и на мртви), капитал, идеи и стоки/услуги? Патем, кога веќе сме на тема ЕУ некрофилија, годинава и во Киев, кој ужива најголема можна поддршка на ЕУ, со највисоки почести се презакопуваа коските на нацистичкиот колаборатор Андреј Мелник.

Оставајќи ги по страна бугарско-македонските небулозни препирки со комисиска разрешница „чиј“ е цар Самоил затоа што, марксистички гледано од аспект на историскиот материјализам е надвор од умот современи национални републики создадени како производ на материјалните околности, општествените сили и односи и глобалните токови на своето време да полагаат авторско право на некоја дамнешна монархија или племе само затоа што го носат нивното име, накусо да наведеме неспорни факти: пред повеќе од еден милениум се издигнал феудален владетел со центар на неговата голема држава во Преспанската област каде е и погребан. Во 1913 година по Балканските војни локацијата на неговиот гроб потпаѓа под државата Грција и во 1965 година грчкиот археолог Николаос Муцопулос за време на ископувањата во базиликата „Свети Ахил“ на Малото Преспанско Езеро наоѓа посмртни останки за кои се верува дека се на царот Самоил и оттогаш до пред неколку дена тие се чуваа во Музејот на византиската култура во Солун. Археолошките наоди на територија на суверена држава се културно наследство на истата и претпоставувам дека не постои законодавство кое дозволува нивно отуѓување. Тоа што Грција така лесно раздава нечии коски имплицира дека нив не ги доживува како „свое“ културно наследство од што може да се заклучи дека е само окупатор на тие територии. Да не зборувам колку е всушност морбидно да откопаш некого кој си е тука погребан заедно со семејството очигледно по сопствена волја и неговите коски распослани да ги сликаш и прикажуваш како мечка на панаѓур за некои да се мајтапат дека тоа се коски на мајмун и сл. а потоа да ги однесеш некаде далеку од неговата престолнина каде на царот не му било ни на крај памет да биде погребан и таму со сите црковни салтанати да ги презакопуваш велејќи дека царот се вратил дома. И со тој чин паѓаат во вода сите бугарски аспирации кон Македонија, оти да мислеа навистина дека таа е бугарска тогаш ќе си го оставеа „бугарскиот“ цар во „бугарската“ земја како меѓник и потсетник дека Македонија е само привремено окупирана од Грција па ќе правеа чествувања, панихиди и циркуси како за Мара Бунева и сл. Мислам, кога веќе направија „репатријација“ на еден цар зошто не и на обичните бугарски војници од еве на пример војничките гробишта кај нас? И што ако да речеме за илјада години има некоја нова Бугарија во која нема да спаѓа Софија, дали тие тогаш ќе ги откопуваат коските на Тодор Живков и ќе ги презакопуваат во новата престолнина?

И тука морам однапред да одговорам на неминовниот контрааргумент „а вие со коските на Гоце Делчев?“, е па според Пејо Јаворов желба на Гоце Делчев била неговите посмртни остатоци да почиваат во престолнината на слободна Македонија. Тоа што денес нема Македонија (ни за по дома) а камоли ли да е слободна е друга приказна…

Враќање на украденото

Од друга страна Бугарија враќа 48 црковни артефакти и реликвии одземени (читај украдени) од бугарската војска во Првата светска војна од манастири во Македонија (не од оваа „Северна“ туку од таа јужната каде повеќе од илјада година почиваа во мир и коските на царот) кои досега се чувале во Националниот историски музеј во Софија. Враќа. Одземени. Од каде и од кого одземени? Од цркви и манастири кои ги сметаш за „свои“? Од народ кој го сметаш за бугарски? Значи сепак не се баш „твои“ ни црквите ниту артефактите и реликвиите (а ни народот) а ти признаваш дека си само крадец и фалсификатор.

Но да не бидеме наивни, ова е симболичен чин на идно зближување помеѓу Бугарија и Грција во светлото на најновите военополитички групирања. Израел, Грција и Кипар (оној јужниот неокупиран од Турција) се во воен сојуз кој е насочен против Турција, а чунки на турскиот Северен Кипар е пронајден гас (ах тие „Северни“, раат да се немало). Бугарија која уште во времето на горе споменатиот Тодор Живков протерала голем број Турци ,еве си отвора место во сојузот.

Србија соработува со Израел во воената индустрија но од друга страна Израел го има признаено „независно Косово“ (исто како и Турција и Бугарија) така што таму статусот е „Complicated“. Ама затоа овие што со ЕУ имаат статус „Happily Married“: Романија, Бугарија и Грција пред неколку дена, чиниш синхронизирано, во Букурешт договорија транспортна мрежа во која се вклопува и нашиот Коридор 8 за кој исто пред неколку дена Претседателката на Европската комисија ни кажа дека е нашиот пат кон ЕУ (што е малку чудно бидејќи секој кој возел накај Западна Европа знае дека патот не ќе да е баш преку Бугарија). Така што на повидок е нов Балкански сојуз против Турција (статус „Single“), односно нови Балкански војни… Во такви околности Македонија, макар и со додавката Северна (и идентитет „бетон“), макар била и горда NATO членка, макар била и на прва линија од невидливиот фронт на страната на САД против НР Кина со кочење на Коридорот 10 како што изјави во едно интервју нашиот премиер, макар и со статус „In Relationship“ со ЕУ ја очекуваат турбулентни времиња. Еден бил цар Самоил, а сега? Па сега, како и сите кучиња и ние ќе се тепаме за коски.

За текстов не е користена вештачка интелигенција, само природна глупост како инспирација.

Може да ве интересира