Државна лотарија го спонзорирала Стардаст на Авалон и пред Дејвид Гета, јавува Слободен печат

Фирмата „Стардаст,“ која се поврзува со „Авалон“ и која беше организатор на прославата по повод 35 години независност на Македонија со настапи на Дејвид Гета, Хозе Карерас и македонски артисти, покрај 300-те милиони денари спонзорство што ги добила од Државна лотарија за овие настани, во 2025 година добила две засебни спонзорства кои заеднички изнесуваат речиси четири милиони денари, покажуваат документи во кои имаше увид „Слободен печат“.

Едното спонзорство е со износ од 922.738 денари и е исплатено на 24 ноември 2025 година. Второто спонзорство е од 3.076.060 денари исплатено на 25 јуни 2025 година.

„Слободен печат“ преку Законот за слободен пристап до информации упати прашања до Државна лотарија на Македонија, за што се однесуваат овие исплатени износи за спонзорства во 2025 година, односно да ни ги достават договорите за нив и временскиот рок од 20 дена за информацијата уште тече.

Во меѓувреме, денеска истече законскиот рок според кој Државна лотарија требаше да ни ја достави бараната информација што ја баравме со друго барање – фотокопија од записник од седница на Акционерското собрание на која Собранието донело одлука да се насочат 300 милиони денари за прославата на независноста.

Поради молк на Државна лотарија, весникот продолжува со жалбена постапка пред Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Неодговорени остануваат бројни прашања за прославата на независноста што се однесуваат на поединечните исплати кои фирмата „Стардаст“ ги направила кон ангажираните артисти. Владата со клаузули на доверливост во тие договори ја правда нетранспарентноста за потрошените пари, меѓутоа повеќе антикорупционери со кои разговараше „Слободен печат“ изјавија дека клаузули за доверливост при трошење државни пари не се дозволиви и не ја отсликуваат транспарентноста во трошењето на парите.