Белгиската полиција ќе апси превентивно – ќе се приведуваат проблематични лица познати по предизвикување проблеми

Локалната полиција во белгискиот град Антверпен отсега административно ќе апси лица кои од претходно се познати по предизвикување проблеми, дури и ако во дадениот момент не направиле ништо незаконско. Тие веднаш ќе можат да бидат задржани најмногу до 12 часа со цел да се спречи можно нарушување на јавниот ред.

Според новите полициски насоки, лицата кои од претходно биле познати како прекршители треба веднаш да бидат административно уапсени на најмногу 12 часа, а нема да биде неопходно во тој момент да сториле кривично дело или навистина да предизвикале проблеми.

Се наведува дека целта на овој пристап е да се заштити квалитетот на животот во градот, лицата кои немаат законски престој да бидат пријавени до надлежната служба за странци, а лицата со проблеми со зависноста да бидат упатени на помош и лекување.

Според Лигата за човекови права, ваквиот пристап не е во согласност со законот, бидејќи законот за полициските овластувања дозволува административно приведување, но само доколку лицето навистина го нарушува јавниот ред и мир.

„Не може некој едноставно превентивно да биде уапсен затоа што се смета дека би можел да го наруши јавниот ред“, наведуваат од Лигата за човекови права.

Од кабинетот на градоначалничката на Антверпен, Елс ван Досбург, засега нема административни мерки врз основа на кои луѓето би можеле да бидат принудени да побараат помош.

Мерката важи на целата територија на градот Антверпен, но во пракса првенствено се применува во северниот дел на градот, Антверпен-Норд.

Тоа е населба во која веќе се спроведуваат систематски проверки на идентитетот, а редовно се вршат и контроли поради нарушување на јавниот ред.

Административното приведување нема првенствена цел да го казни лицето за сторено кривично дело, туку да спречи нарушување на јавниот ред и мир или да се реши одредена ситуација, пренесува Танјуг.