Неколку синдикати, меѓу кои и најголемите синдикати на просветните работници, повикаа на поддршка за средношколците во протестите во Франција, со најавени маршеви низ целата земја и прекин на работата во бројни училишта.
Средношколците бараат повеќе ресурси и укажуваат на нехигиенските училишни згради, пренатрупаните училници, непополнетите работни места, особено во загрозените населби, како и на нееднаквостите што, според нив, ги создава „Паркурсуп“, француската платформа за прием на факултет, пренесе порталот БФМ ТВ.
Средношколскиот синдикат за денес го најави „третиот чин на мобилизација“, по блокадите на средните училишта во понеделникот и неуспешната средба во Министерството во петокот.
Кабинетот на премиерот оцени дека движењето се претворило во „урбано насилство“.
Широката коалиција на синдикати во националното образование – ФСУ, ЦГТ, ФО, ЦФДТ, УНСА, Суд и Солидаир – ги повика вработените денес да им се приклучат на средношколците.
Синдикатите наведоа дека бараат поголема поддршка за барањата на средношколците.
ЦГТ и Солидаир уште во петокот повикаа на учество во Денот на мобилизација на средношколците.
ЦГТ ги повика своите организации да го заштитат правото на учениците на мобилизација, да обезбедат простор за нивно собирање и да придонесат за безбедноста на демонстрациите.
Претседателката на ЦГТ, Софи Бине, изјави дека активистите на овој синдикат ќе бидат присутни за да ги заштитат средношколците.
Во мобилизацијата се вклучи и третиот земјоделски синдикат, Конфедерација Пајсан, која ги повика земјоделците со трактори да им се приклучат на блокадите на средношколците.
Синдикатот оцени дека барањата на мобилизираната младина се „праведни и легитимни“, а најмалку 10 негови локални ограноци се одзвале на повикот, потврди синдикатот.
Во Париз, маршот е најавен за 14 часот од Плоштадот на Републиката, а повик за акција објавија и студентските синдикати, меѓу кои Студентската унија и УНЕФ, пренесе Танјуг.
Во меѓувреме, синдикатите на вработените во секторот за електроенергетика и гас се откажаа од повикот за интензивирање на мобилизацијата против предложената реформа на нивната повластена тарифа за енергија, наведувајќи дека „ја принудиле владата да попушти“.
Во писмото до синдикатите, потпишано од делегираната министерка за енергетика Мод Брежон и министерот за труд Жан-Пјер Фаранду, владата наведе дека во 2027 година нема да усвои промени што би влијаеле врз платите на вработените во електроенергетскиот и гасниот сектор, ниту врз финансиските средства на пензионираните вработени, без разлика дали станува збор за даноци или социјално осигурување.
Следи го Антропол преку Google 
